Furkan Naci Top
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
АТИНА (АА) - Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, во врска со постигнатиот договор меѓу владите на Грција и Македонија во врска со името, изјави дека е потребно тоа да го потврди грчкиот народ, на референдум или по пат на избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Каменос, претседател на партијата Независни Грци (АНЕЛ), која е партнер во грчката Влада, одржа прес-конференција на која даде информации во врска со Договорот меѓу владите на Грција и Македонија околу проблемот за името.
Велејќи дека постигнатиот договор е лош договор, Каменос продолжи со зборовите: „Нема да дозволиме признавање на Договорот без тој да биде одобрен од грчкиот народ.“
Според грчкиот министер Каменос, за одобрување на Договорот потребно е да гласаат 180, а не 150 пратеници во Парламентот, кој брои 300 народни пратеници. „Доколку Договорот не добие поддршка од 180 пратеници, тогаш ќе биде потребно за тоа да одлучи народот. Тоа значи референдум или избори“, изјави Каменос.
Во одбрана на можноста од непоминување на Договорот на избори, Каменос изјави дека не постои ништо обврзувачко, и додаде: „Не е можно спроведување на никаква процедура во врска со членството на Поранешната Југословенска Република Македонија во НАТО (ФИРОМ), без одобрување од грчкиот Парламент или без референдум“.
- „Добар договор“ -
Од друга страна, грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коцијас, истакна дека постигнатиот консензус е добар договор. „Бидејќи Договорот не претставува отстапка од националниот суверенитет, за него не треба да гласаат 180 пратеници“, изјави Коцијас.
Истакнувајќи дека Грција излегла од кризата, Коцијас ја даде следната оценка: „Го решивме овој проблем, бидејќи веруваме дека решавањето на проблемите поради кои бевме обвинувани се во интерес на Грција и ќе ни овозможат да погледнеме во иднината, заедно со нашиот народ.“
- Раздор во грчката Влада поради „Македонија“ -
Од потпишувањето на Договорот за отстранување на проблемот околу името на Македонија, досега, во Грција, коалицијата меѓу левата алијанса СИРИЗА и десноориентитираната АНЕЛ, доживува тензични денови. По оставката на некои пратеници на АНЕЛ, бројката на коалициските пратеници во Парламентот падна на 152, по што се отворија дискусии дека е можен пад на постоечката Влада.
Партијата АНЕЛ соопшти дека е против секој договор во кој се споменува името „Македонија“, меѓутоа, не гласаше за недоверба на Владата.
- Договорот за името -
Македонија и Грција на 17 јуни годинава потпишаа Договор, според кој, Република Македонија ќе го смени името во „Република Северна Македонија“, а Грција ќе го отстрани ветото и повеќе нема да ѝ биде пречка на Република Македонија на патот кон членството во НАТО и ЕУ.