СКОПЈЕ (АА) – На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември се случија изненадувања. Движењето БЕСА, коешто за првпат учествува во еден изборен процес беше изненадувањето на овие избори.
Лидерот на движењето БЕСА, Билал Касами, во интервју за Anadolu Agency (АА) говореше за изборниот процес во Македонија, резултатите, нерегуларностите, формирањето Влада, обвинувањата од одредени кругови кон оваа партија, како и за други прашања.
Тој во својата изјава рече дека треба да се разгледа барањето на движењето БЕСА за техничка влада, а таа влада потоа да организира нови избори во земјата. Исто така Касами рече дека партијата, Движење БЕСА, е оштетена во две изборни единици како резултат на нерегуларности.
Според него, овие нерегуларности ѝ одзеле два пратенички мандата на неговата партија. Коментирајќи го резултатот на неговата партија на предвремените парламентарни избори во Македонија, Касами истакна дека и покрај големите притисоци, Движењето БЕСА излезе како изненадување на овие избори.
„И покрај тоа што имаше многу притисоци кон нашите гласачи, и покрај тоа што ДУИ ги уценувала административците, Движењето БЕСА, како што се очекуваше, излезе како победничко изненадување на овие избори. Ние продолжуваме со нашата политичка борба за гласачот да го ужива правото коешто е основно човечко право, правото на глас, и никој да не го нарушува тоа право“, рече Касами.
Во врска со нерегуларностите, претседателот на Движењето БЕСА истакна дека поради овие причини им се одземени два пратенички мандата во две избирачки единици. Според него, во секое избирачко место имало нерегуларности.
„Свесни сме дека во овие околности имало злоупотреба на гласот и најмногу ние како партија сме оштетени. Ние како партија ќе ги искористиме сите институционални механизми, законите и подзаконските акти за да го вратиме гласот на граѓанинот таму каде што треба да биде. Ние имаме две изборни единици каде што директно сме оштетени и каде што ни е одземен по еден пратеник. Тоа се изборната единица шест и два. Ги анализираме изборните резултати и силно работиме за преку жалби и сите законски процедури да ги вратиме овие два мандата“, истакна Касами.
Според него, по овие избори во Македонија треба да се формира техничка влада којашто потоа ќе организира нови избори во земјата.
„Сметам дека овие избори треба да бидат само премин, мост од онаа тешка кризна ситуација во која беше Македонија кон долгорочна стабилност, како во економска смисла, така и за одговорноста на општеството тука во Македонија. Затоа, по сите овие комбинаторики и неуспеси со кои се соочуваше Македонија и нејзините граѓани, сметам дека треба сериозно да се разгледа понудата на Движењето БЕСА по овие избори да се формира техничка влада, влада што ќе има мандат да ја врати Македонија во нормала, влада што ќе има одредени задачи и што ќе има задача да ја подготви земјата за новите избори“, рече Касами.
Понатаму тој вели дека Движењето БЕСА се појави на политичката сцена за да ги спаси Албанците и Македонија, и додава: „Успеавме да спасиме колку што можевме“.
„Да не се појавеше Движењето БЕСА на политичката сцена, сметаме дека Албанците би гласале за опција за која сметаме дека Македонија сѐ уште не е подготвена. Затоа сметаме дека Движењето БЕСА ги спаси Албанците и ја спаси Македонија“, рече Касами.
Тој во продолжение зборуваше и за подготвеноста на лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, мандатите на неговата партија да ги стави на располагање на Движењето БЕСА.
„Во јавното обраќање се заблагодарив на ДПА и на нејзиниот лидер за подготвеноста да ја поддржи партијата Движење БЕСА на нејзиниот пат кон целта, а тоа е Албанците во Македонија да бидат рамноправни како народ, но и сите граѓани да бидат рамноправни и да нема дискриминација, ниту на етничко, ниту на културолошко ниво. Благодарни сме на сите што нѐ поддржаа на нашиот пат и ќе ги сметаме за наши соработници“, рече претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами.
Во интервјуто за АА, тој исто така ги коментираше и обвинувањата кон БЕСА дека е наводно „евороазиска партија“.
„Да се наметнуваат обвинувања за ваква ориентација од страна на оние што за идеолошка основа ја имаат Русија, комунизмот, марксизмот-ленинизмот, навистина е неморално, но ете, во политиката сѐ е можно и тие го искористија ова политичко право за да го обвинуваат Движењето БЕСА и покрај фактот што БЕСА е единствениот автохтон, автентичен и автономен политички субјект на Албанците во Република Македонија“, рече меѓу другото Касами.
news_share_descriptionsubscription_contact
