Tevfik Durul
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
ПЕКИНГ (АА) - Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана на Кина ги обвинија Соединетите Американски Држави (САД) за провокации, поради тоа што вчера еден американски воен брод се приближил до островите Спретли во Јужното Кинеско Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи, Џинг Шуанг, во писмено соопштение истакна дека ракетниот разорувач „УСС Џон С. Меккејн“, на морнарицата на САД, вчера без дозвола на кинеската Влада се приближил до вештачкиот гребен Мисчиф, на островите Спретли.
Џинг нагласи дека воените сили упатиле предупредување до споменатиот американски воен брод за да се оддалечи, и додаде дека поради ваквите акти кои сериозно ја нарушуваат сувереноста и националната безбедност на Кина, упатуваат реакции до САД.
Исто така, Џинг истакна дека на состанокот на министрите за надворешни работи од Организацијата на земјите на Југоисточна Азија (ASEAN), кој се одржува во главниот град на Филипините, Манила, се преземаат конструктивни чекори за смирување на тензиите во Јужното Кинеско Море. „Некои земји надвор од регионот, со оправдување на таканаречената 'слобода на навигација' сакаат да ја нарушат позитивната атмосфера во регионот“, додаде тој.
Џинг истакна дека присуството на воените бродови на САД во регионот јасно покажува кој сака да ги зголеми тензиите во Јужното Кинеско Море, и која страна го милитаризира регионот. „Воените провокации на САД во Јужното Кинеско Море ја предизвикуваат Кина на чекори кои ќе ги зголемат капацитетите на националната безбедност“, вели тој.
- „Престанете со демонстрирање на сила“ -
Гласноговорникот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиен, истакна дека од американска страна треба да се поправи грешката и веднаш да се стави крај на провокативните активности во регионот во името на „слобода на навигацијата“. Тој упати апел до Вашингтон да престане демонстрирањето сила во Јужното Кинеско Море.
Вчера беше потврдено дека воениот брод „УСС Џон С. Меккејн“ на САД пловел во близина на вештачкиот гребен Мисчиф во Кина.
Овој е третпат бродовите на американската морнарица во периодот на претседателството на Доналд Трамп да се приближат до вештачки острови на Кина.
Кина, Филипините, Виетнам, Малезија, Брунеите и Тајван бараат права над Јужното Кинеско Море, кое е една од најзначајните поморски рути на светот, и се вели дека постојат богати резерви на јаглеводород.
Тврдењата дека Пекинг ги наоружува базите поставени на вештачките острови изградени во спорните води, предизвикуваат тензии меѓу Кина и земјите во регионот.