Elena Teslova
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
МОСКВА (АА) - Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел изјави дека неговата земја е вознемирена поради новата трка на европските земји во вооружување, јавува Anadolu Agency (AA).
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров го пречека германскиот колега Габриел, кој престојува во официјална посета на Москва.
Во обраќањето на новинарите по состанокот со Лавров, Габриел потсети дека САД го зголемуваат буџетот за одбрана, Русија го интензивира военото присуство на границата со балтичките земји, а дека и НАТО од друга страна во тие земји и во Полска го зголемува своето воено присуство.
„Проблемот достигна критично ниво. Германија е вознемирена поради трката за вооружување во Европа“, порача Габриел.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Сирија, која е зафатена со војна, Габриел изјави дека процесот на преговори во Астана постигнал одредени резултати и дека тој тренд треба да продолжи и во преговорите во Женева. Тој им се заблагодари на Русија, Турција и на Иран за вложениот труд во правец на решавање на сириската криза.
Габриел посочи дека мора да се интензивира и процесот за решавање на украинската криза врз основа на мировниот договор од Минск, а во тој процес мора да учествуваат и САД, кои досега беа само нем набљудувач. Габриел ги обвини проруските сепаратисти во источниот украински регион Донбас дека не почитуваат ниту минимум од договорот од Минск, кој предвидува судирите да завршат, да се повлече тешкото вооружување и да се направи размена на заробениците.
И шефот на турската дипломатија, Лавров изјави дека преговорите за Сирија во Астана биле конструктивни и дека тој процес треба координирано да се води со актуелните преговори во Женева, за конечно да се постигне примирје и да се реши политичката криза во Сирија.
Истакнувајќи дека се согласува со германскиот колега во поглед на тоа дека САД треба поактивно да дејствуваат во решавањето на украинската криза, Лавров изјави дека Вашингтон би можел да даде придонес во имплементацијата на договорот од Минск.