Bekim Laci
19 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, по средбата со лидерите на парламентарните партии, истакна дека вечерашната лидерска средба за надминување на разликите меѓу опозицијата и позицијата за подготовка на референдум за Договорот со Грција, резултираше со прашањето за референдумот што прближно ќе се формулира во насоката: „Дали сте за членството на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерската средба на парламентарните партии во Македонија се одржа без присуство на опозициските претставници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што истакна нејзиниот претседател, Христијан Мицковски, средбата ја напуштиле во знак на револт против идејата на Владата за промена на Законот за избор на составот и претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), додека изрази незадоволство и од форматот на лидерската средба.
„Ние, како ВМРО ДПМНЕ, изразивме револт за ваквото однесување, ги кажавме причините поради коишто го напуштаме овој состанок на поканените парламентарни политички партии. Го повикуваме претседателот на Владата, Зоран Заев, да организира лидерска средба најдоцна до понеделник, во формат што не би надминал бројност од четворица, како досегашната пракса, најголемата партија што ја сочинува Владата, најголемата партија на Албанците во Р. Македонија, коалиционен партнер во Владата; најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците во РМ“, рече Мицковски.
Потоа, средбата продолжи, додека по завршувањето, изјава за медиумите даде премиерот Зоран Заев, кој истакна дека граѓаните на земјата од политичките лидери очекуваат одлуки кои ќе донесат една подобра иднина, за што партиите кои се за членство во НАТО и ЕУ вечерва ветиле дека ова очекување ќе го направат реалност, и дека граѓаните се тие кои на референдум ќе ја определат својата иднина.
Заев истакна дека сите партии кои останале посветени до крај на оваа лидерска средба, сите се за влез на Македонија во Европската унија (ЕУ) и НАТО, и дека се посветени за еден успешен провес на одржување на референдум.
„Вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следната насока: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, рече Заев, кој го прифати барањето на Мицковски за друга лидерска средба со помал формат, која ќе се одржи утре (четврток) на пладне, бидејќи како што рече Заев, ова прашање е од големо значање за Македонија.
„За утре свикав уште една лидерска средба во помал формат на која Мицковски ќе има можност уште еднаш да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ, и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија“, додаде Заев.
Инаку, на лидерската средба учествуваа лидерите Али Ахмети, Биљал Касами, Африм Гаши, Мендух Тачи, Зиадин Села, Христијан Мицковски, Лилјана Поповска, Горан Милевски, Тито Петковски, и Љубисав Иванов Sинго.
Лидерската средба е свикана поради одложување на избирањето на членовите на ДИК, иако партиите беа однапред договорени за имињата на овие членови.