Besar Ademi
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за надворешни работи на Република Македонија го повика на разговор амбасадорот на Унгарија во Скопје, Ласло Иштван Дукс, во врска со последните информации околу бегството на поранешниот премиер на Македонија, Никола Ггруевски, и неговото барање за азил во Унгарија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за надворешни работи на Македонија соопштија дека амбасадорот на Унгарија во Скопје денес бил повикан во министерството на состанок кај државниот секретар Виктор Димовски, а според соопштеното, целта на состанокот била предавањето на протестна нота од македонската до унгарската страна.
„Димовски изрази надеж дека Унгарија во случајов ќе постапи во духот на добрите билатерални односи и на европските вредности и принципи поврзани со владеењето на правото, и во тој контекст веднаш и без одложување ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски, и истиот ќе го предаде на Република Македонија заради издржување на изречената казна затвор, како и за продолжување и завршување на останатите судски постапки против него“, се вели во соопштението на министерството.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.