Ferdi Uzun
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
АЈДИН (АА) - Непријавените мигранти кои вчера во подрачјето на Кушадаси во Ајдин беа спасени од екипите на Крајбрежната стража, тврдат дека грчките екипи ги довлекле до турските води и ги препуштиле на смртта, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипите на Крајбрежната стража на Република Турција спасија 46 мигранти, а потоа, откако им е укажана помош во Кушадаси, се донесени во просториите на Полициската управа во тоа подрачје.
Изјавите што мигрантите ги дадоа за AA, за тоа како Грците се однесувале кон нив, уште еднаш укажаа на проблемот на враќањето на непријавените мигранти од Грција (push back), кој сè повеќе е изразен во последно време.
Ирачанката Дена Фахир (45) на опасниот пат кон Европа тргнала со децата. Рече дека кратко откако мигрантите се упатиле кон отворено море, им се приближил чамец на Крајбрежната стража на кој се наоѓале маскирани грчки војници.
Таа додаде дека грчките војници врзале јаже за нивниот чамец и почнале да се движат брзо.
„За малку ќе се загушевме. Викавме за да застанат, но изгледаше како да зборуваме на камен, а не на човек. Нè влечеа подолго од еден час. Чамецот се нишаше. Беше страшно. Турските екипи нè спасија, ни дадоа прекривки и храна. Благодарни сме“, изјави Фахир.
Ирачанецот Али Емин рече дека би се смрзнале да не биле турските војници. Тврди дека Грците не обрнувале внимание на врисоците на жените и децата, туку продолжувале да го влечат чамецот.
„Децата и жените врескаа, но еден од нив пушеше цигара и нè набљудуваше. Мислевме дека ќе умреме и замолчавме. Дојдоа до нас. Мислевме дека ќе нè спасат, но само поминаа и продолжија кон Грција“, рече Емин.
Тој раскажа дека потоа виделе хеликоптер на турската Војска и дека упатувале повици за помош.
„Искрено, мислевме дека ќе се откажат и ќе си отидат бидејќи веќе немавме сила, ни глас. Грчките војници нè оставија да умреме, но турските војници нè спасија, им благодариме“, изјави Емин.
Манал Саид Ајад (48) со синот паднала во водата за време на тие случувања, а тврди дека грчките војници не сакале да им помогнат, туку само си заминале.
Ајад рече дека доаѓаат од Палестина, а на нејзиниот син му е дијагностицирана хемофилија.
„Не е возможно да се лекува во Газа. Имав намера да отидам во Европа за да го лекуваме“, изјави Ајад.
Нур Фадил изјави дека се обидувале да разговараат со грчките војници, но дека не сакале ниту да ги погледнат.
„Одеднаш бевме опколени со бранови. Додека турската екипа на Крајбрежната стража нè дојде, ние се боревме со смртта“, изјави Фадил.
Екипите на Крајбрежната стража на Република Турција во вторникот излегоа на терен по дојава дека група непријавени мигранти се наоѓа на пет милји од брегот на подрачјето на Кушадаси. Спасени се 46 мигранти, а почина четиригодишно девојче.