Ivana Ramadanova
15 Март 2016•Ажурирај: 15 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод 15-ти Март, Светски ден на правата на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство одржа промотивен настан во Агенцијата за електронски комуникации, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Анета Димовска од Министерството за економија, годинашното мото под кое организациите, членки на Светската организација на потрошувачи, ќе го одбележат денот е „Антибиотиците надвор од менито“. Целта на настанот е да се продискутира за достигнувањата во изминатата година и во иднина да се превземат активности како би се подигнал квалитетот во делот на заштитата на правата на потрошувачите.
„Во изминатата година од страна на Државниот пазарен инспекторат се спроведени над пет илјади надзори само по Законот за заштита на правата на потрошувачите, а од овие надзори над илјада биле по пријава од потрошувачи. Најголемо незадоволство од страна на потрошувачите е детектирано од неквалитетните производи, особено белата техника, мобилните телефони, комјутерите, како и неквалитетните услуги”, изјави Димовска.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека со цел подобро детектирање на нутритивната вредност на прехрамбените производи направена е мобилна апликација која е веќе во функција. Со оваа апликација може да се утврди која храна има повеќе масти, шеќери, сол кои штетно делуваат врз здравјето на лугето.
На настанот се обрати директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, кој истакна дека при сите пристигнати преставки, инспекциските служби се постојано на терен.
„Од година во година, бројот на преставки се зголемува што значи свесноста на луѓето во делот на храната се зголемува, но би сакал да напоменам дека се зголемува и процентот на неосновани преставки што укажува на тоа дека потрошувачите треба повеќе да се информираат во делот на безбедноста и квалитетот на храната”, рече Поповски.
Организатор на настанот е Организацијата на потрошувачи на Македонија во соработка со Министерството за економија, Агенциите за електронски комуникации и за храна и ветеринарство, Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.