Bekim Laci
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - „Политики за кибер-безбедност – транспонирање на Директивата 2016/ 1148 на ЕУ, за обезбедување високо ниво на безбедност на мрежи и информациски системи“ е темата на денешната дискусија во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и Министерство за одбрана, јавува Anadolu Agency (АА).
Пред бројните присутни на панелот што ќе трае во текот на денот, зборуваше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, според кој, кибер-безбедноста не треба да се гледа само од класичен технички аспект, бидејќи како што ја браниме државата на копно и од воздух, на ист начин треба да пристапиме кон заштитата на кибер-просторот.
Тој понатаму истакна дека безбедносните инциденти може да предизвикаат сериозни последици во секојдневниот живот на граѓаните и затоа државата треба да стори сѐ за заштита на личните податоци на граѓаните.
„Порастот на економската шпионажа и на државно спонзорираните активности во сајбер просторот претставуваат нова категорија на закани за владите и компаниите во нашите држави, но и врбувањето на терористички организации, ширењето на пропаганда и организирањето терористички напади веќе денес се спроведуваат преку интернет. Светот се движи многу брзо напред, и ние мораме да го следиме“, рече Манчевски.
Тој понатаму посочи дека минатата година Европската Унија ја усвои директивата за обезбедување високо ниво на безбедност на мрежите и информатичките системи, и Македонија како земја-аспирант за членство, треба да го усогласи своето законодавство со законодавството на ЕУ.
Заменик-претседателката на Владата на Република Македонија, истовремено министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, во својот говор на отворањето на оваа панел-дискусија рече дека таа претставува прва средба од ваков вид, бидејќи кибер-безбедноста реално е нов проблем во Македонија.
Новиот дигитален свет, како што рече таа, ги дигитализирал и конфликтите, и додаде дека по кибер-нападот во Естонија, НАТО во 2008 година почна да работи на првата кибер-стратегија, бидејќи, како што рече, сите се убедени оти следните напади на НАТО ќе бидат кибернетски.
Како што истакна Шеќеринска, НАТО е многу посветен на создавање човечки ресурси што ќе се борат против овој вид криминал, нешто што во Македонија недостига.
„Клучните институции коишто мора да се подготват за зајакнување на сајбер-безбедноста на Р. Македонија се договорија дека заеднички ќе настапуваат. Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана веќе ги формираат заедничките тимови чијашто задача ќе биде заедно со НАТО партнерите и со ЕУ да продуцираат стратегија за сајбер-одбрана“, рече Шеќеринска, додавајќи дека Министерството за одбрана и Владата на Македонија дале зелено светло оваа година на Воената академија да започнат постдипломски студии во областа на кибер-безбедноста.
За време на денешниот панел ќе има презентации од страна на претставници од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за електронски комуникации.
На панел-дискусијата учествуваат претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Јавното претпријатие за државни патишта, ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, Народната банка на Република Македонија, МЕПСО, ЕВН, Телеком, претставници од банки во државата и од академскиот сектор.