ВИЕНА (АА) - Рамазан Демир, кој е претседател на верскиот кадар во австриските затвори, изјави дека повеќе од 300 млади лица кои од Австрија ѝ се приклучиле на терористичката организација ДЕАШ во Сирија и во Ирак, откако го виделе вистинското лице на организацијата, се вратиле во земјата и многу се каат поради тоа што го сториле. „Голем број млади лица поради нивното учество во ДЕАШ, извесен период останаа во затвор. По нивното ослободување, денеска тие се срамат за стореното и многу се каат. Едно момче од бошњачко потекло, по две години изминати во затвор, денеска е на слобода. Со ова лице сѐ уште се гледам. Тој толку многу е засрамен од она што го направил, што мене на повеќепати ми кажа дека не може да го погледне своето семејство во очи, не спие со ноќи и бидејќи не сака да живее со тој срам, повеќепати помислувал да се самоубие“, зборуваше Демир.
Демир за АА рече дека за 7 години верска служба во затворите, кај него поминале околу 2.044 уапсени муслимани. Тој истакна дека за време на неговата работа во затворите, видел и имал можност да се сретне со голем број лица кои имале симпатии кон радикалните формации или биле нивни членови.
Демир, кој својата петгодишна работа со овие лица ја преточил во книга, рече дека на голем број млади им се зацрнети животите поради нивното учество во нечовечната организација ДЕАШ, и додава дека целта на книгата е кај младите кај кои постои можност за создавање симпатии кон ДЕАШ или слична формација, да им ја претстави вистината, и во периодот кога теророт и исламот беа често споменувани, на немуслиманите да им покаже дека вистинскиот ислам нема никаква врска со лудилото на ДЕАШ.
Демир истакна дека интересот за проекстремистичките групи се зголемува особено со започнувањето на граѓанската војна во Сирија, и додаде дека во последните 5 години имал можност да зборува со повеќе од 100 лица со радикален став кои биле затворени во австриските затвори, а потоа ослободени.
Со започнувањето на граѓанската војна во Сирија, околу 300 лица од Австрија ја напуштиле земјата за да му се придружат на ДЕАШ. Од нив, околу 140 ги загубиле своите животи, додека во Сирија и во Ирак сѐ уште се наоѓаат околу 40-50 лица од Австрија.
Демир рече дека во последните 5 години, повеќе од 100 лица заминале за Сирија и се вратиле, а некои од нив биле фатени на турско-сириската граница и се вратени во Австрија. „Во моментов, поради ДЕАШ, во затвор се наоѓаат 67 лица, од кои 20 од нив поради приклучување во редовите на ДЕАШ или биле фатени на границата подготвувајќи се да им се приклучат. Но, во последните 5 години, има повеќе од 100 лица кои откако биле фатени и испратени во затвор, по отслужувањето на казната се ослободени“, рече Демир.
- Голем број млади од слични социјални средини се неинформирани за исламот -
Демир истакнува дека поголемиот дел од младите кои доаѓаат од слични социјални средини не знаеле речиси ништо за исламот, и оти кај нив е забележан проблем со идентитетот и припадноста.
„Сакам да ви го кажам примерот со едно лице кое од Виена замина за Сирија. Таткото на ова момче починало, а живеел со мајка му и сестра му, без работа со криминално друштво. Подоцна почнал да ги посетува состаноците што ги држи лице, симпатизер на ДЕАШ. Ова лице, за 18-годишното момче, кое како да не постои во Австрија, одвојува време и се грижи за него, всадувајќи му ја замислата да замине во Сирија, и дури му дал и пари. Ова лице ја рекламира ДЕАШ, на младите им ветува рај и на земјата и на другиот свет. Лицето им вели дека во Сирија, на територијата што е под контрола на ДЕАШ, сите богатства се за оние што ќе ѝ се приклучат во војната, а доколку починат, тогаш во рајот ќе заминат како 'херои', и притоа успева да ги убеди овие млади кои немаат никакви претходни знаења за исламот“, раскажува Демир.
- „Од срам, помислувам да се самоубијам“ -
Демир вели дека ова 18-годишно момче, гледајќи ги сите злосторства на ДЕАШ, се покајало за направеното и бега од ДЕАШ, враќајќи се во Австрија. „Ова лице во моментов е во затвор, има 21 година и многу се кае за направеното. Голем број момчиња кои на ист начин му се придружиле на ДЕАШ биваат ослободени по одреден период поминат во затвор. Сите тие се срамат за стореното и многу се каат. Едно момче од бошњачко потекло, по двегодишна казна затвор, беше пуштено на слобода. Сѐ уште се гледам со тоа лице. Тој е толку засрамен од направеното, што повеќепати ми рече дека не може да го погледне своето семејство во очи, не спие со ноќи и на повеќепати помислувал да се самоубие, бидејќи не сака да живее со тој срам'. Фала му на Бога, благодарение на заедничките средби и разговори, се обидовме кај ова момче да создадеме желба за живот“, зборуваше Демир.
„Овие млади лица кои биле сведоци или жртви на сета грозотија на терористичката организација, не сакаат она што го виделе или преживеале да го раскажуваат за весници, телевизии или за други медиуми. Тие се и многу исплашени, и многу засрамени. Но, оние кои се зафатени со симпатиите кон ДЕАШ во околните ќелии им раскажуваат за организацијата и се обидуваат да ги придобијат“, Демир го сподели своето гледиште.
- „Затворите се на врвот од местата во кои најбрзо се шири радикализмот“ -
Од друга страна, Демир вели дека има симпатизери на ДЕАШ и лица кои се фатени на сириската граница, кои по излегувањето од затвор повторно сакаат да ѝ се приклучат на терористичката организација, и додаде: „Има лица кои радикалната идеологија толку многу ги заслепила, што тие не земаат поука од оние лица во соседните затворски одделенија или ќелии кои биле сведоци на сите нечисти работи на терористичката организација и кои успеале да ги спасат своите животи и се каат за сѐ, туку напротив, ги нарекуваат неверници“.
Демир посочи насилните проекстремистички групи успеваат многу брзо да го прошират радикализмот преку социјалните мрежи и затворите, и додава дека не треба лицата со радикална идеологија да бидат во иста средина и во исти простории со обичните затвореници. „Осуденикот кој добил затворска казна поради грабеж на банка, во затвор, за многу кус период може да стане симпатизер на ДЕАШ. Повторно, двајца припадници на ДЕАШ кои се наоѓаат во иста затворска просторија, затворот го напуштаат уште порадикални“, рече Демир.
- „Не можеме да добиеме доволно поддршка од австриската Влада за борба против екстремизмот во затворите“ -
Демир изјави дека ги информира австриските официјални претставници и додаде дека лицата кои имаат радикални погледи, редовно се состануваат со верските претставници, додавајќи дека кај поголемиот дел од нив се забележува позитивен напредок и овие лица се ослободени од штетните мисли.
Тој истакнува дека поголемиот дел од муслиманите во австриските затвори се соочуваат со ризикот да се радикализираат, и додава дека од австриската Влада не ја добиваат потребната поддршка како онаа што им се дава на верските лица од другите вери. Од 2015 година, со „Законот за исламот“, забрането е да се прима помош од други земји. Тој истакна дека се оставени сами на себе во борбата против радикализмот во затворите.
- „Младите кои се лишени од љубовта на своите татковци, прибегнуваат кон тероризам“ -
Демир рече дека има многубројни причини поради кои младите се стремат кон насилни радикални формации, но истакна дека недостатокот на фигурата на таткото во семејствата и недостатокот на татковата љубов е една од најзначајните. „Младите кои се лишени од љубовта на своите татковци, за жал, поголемиот дел од нив, потребата од тоа внимание го наоѓаат во овие опасни групи“, рече Демир.
Тој истакна дека ДЕАШ многу погрешно ги проповеда исламското право (шеријатот) и верската војна (џихад), а сите оние што не мислат како нив ги прогласуваат за неверници, и додава дека пропагандата на ДЕАШ ги претставува како непријатели претставниците на другите вери.
Демир за книгата што ја напиша вели дека предизвикала сериозен оддек во поголем број земји-членки на Европската Унија, првенствено во земјите во коишто се зборува германски јазик. „На моите средби со овие лица, поради нивните симпатии кон ДЕАШ или членството во оваа терористичка организација, имав можност одблиску да ги запознаам. Тоа ми даде можност подобро да ја раскажам разликата меѓу ересот на ДЕАШ и вистината за исламот. Освен тоа, на официјалните претставници им давам предлози на кој начин да се справат со оваа терористичка закана“, рече Демир.
news_share_descriptionsubscription_contact


