Ekipa
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Њујоршките власти соопштија дека утринската експлозија на автобуската станица на Менхетен е поврзана со тероризам, пренесува Anadolu Agency (AA).
Експлозијата се случи во 7.30 часот по локално време, во подземниот премин на станицата во близина на познатиот њујоршки плоштад „Тајмс сквер“.
Станува збор за импровизирана направа којашто осомничениот напаѓач ја носел на себе, а според тврдењата на полицискиот комесар Џејмс О’Нил, се работи за терористички акт.
Во инцидентот се повредени четири лица, меѓу кои и осомничениот напаѓач, кој потоа е приведен.
Полицијата соопшти дека мажот идентификуван како Акајед Улах (27), намерно ја активирал експлозивната направа за време на градскиот метеж.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, изјави дека експлозијата во Њујорк е обид за терористички напад. Тој истакна дека е голема среќа што осомничениот не ја остварил својата крајна цел.