Sarp Özer
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека турските безбедносни сили ќе ги преземат сите потребни мерки за да протече без инциденти изборниот процес на претстојниот референдум за уставни промени во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
За безбедноста за време на референдумот на 16 април, во Турција ќе бидат задолжени речиси половина милион припадници на полицијата, жандармеријата, војската, како и редари и волонтери.
Ресорниот министер Сојлу на денешната прес-конференција соопшти дека полицијата за директни безбедносни задачи при изборниот процес ангажирала 251.788 полицајци и 128.445 припадници на жандармеријата.
„Паралелно со тоа, во 26 области, процесот на гласање ќе го обезбедуваат и 51.148 редари и 18.675 пријавени волонтери. Подготвени ќе бидат и 6.000 припадници на копнените сили на турската војска, кои ќе бидат ангажирани во случај на потреба на теренот“, изјави Сојлу.
Турските безбедносни сили за време на изборниот процес в недела ќе ги обезбедуваат сите гласачки места, плоштади и сите важни објекти.
Министерот Сојлу денес изјави дека речиси 10.000 припадници на жандармеријата и 8.000 полицајци ќе ги обезбедуваат трафостаниците што Министерството за енергетика ќе ги процени за важни за регуларноста на изборниот процес.
„За нас секој глас е важен, подготвивме безбедносен план којшто на гласачите ќе им обезбеди амбиент во кој слободно ќе гласаат“, порача Сојлу и додаде дека планот подразбира и видеонадзор на гласачките места и на местата на кои се очекуваат масовни собири на луѓе во текот на референдумскиот ден.
Предложената уставна реформа во Турција предвидува јакнење на овластувањето на претседателот на државата, а укинување на функцијата премиер. Парламентот ќе го зголеми бројот на пратениците од 550 на 600, а кандидати на парламентарните избори ќе можат да бидат сите граѓани на Турција со навршени 18 години. Досега кандидати можеа да бидат лица со навршени 25 години.
Претседателот ќе може да ги задржи врските со политичката партија, а предвидено е и првите претседателски избори, во согласност со новиот устав, да се одржат во ноември 2019 година. Мандатот на претседателот ќе трае пет години и едно лице ќе може да ја извршува таа фукнција најмногу двапати.