Ekipa
18 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за Радио слободна Европа изјави дека по обидот за воен пуч во Турција, од турските власти имале конкретни барања за постапување во врска со организациите што делуваат во Македонија, а се поврзани со терористичката организација ФЕТО. Тој исто така додаде дека Македонија немала никаква дилема дека ги поддржува демократски избраните власти во Анкара, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Имавме конкретни барања. Во однос на тие барања, нашиот став е јасен и недвосмислен. Нема никаква дилема дека Македонија ги поддржува демократски избраните институции во Турција. Во однос на нивните конкретни барања, за определен број од нив Владата има донесено конкретни одлуки на затворена седница и институциите ќе постапуваат во однос на нивните компетенции“, вели Попоски, кој не прецизираше конкретно за какви мерки станува збор и кои институции ќе бидат опфатени со тие мерки.
На прашањето дали ќе се затвараат институции или организации кои што беа наведени во текст на Anadolu Agency (AA) а кои се поврзани со терористичка организација „ФЕТО", Попоски рече дека не би можел да даде коментар во тоа насока, но додаде дека:
„Владата носи принципиелни одлуки. Потоа институциите, секоја во својот домен, носат следствени одлуки или мерки. Во однос на ова прашање, ние мораме пред сè, да се водиме од нашите национални интереси и од националното законодавство. Значи, која било мерка што би била преземена, би била во склад со македонските интереси и македонското законодавство."
Во однос на прашањето дека во јавноста најмногу се шпекулира неговото име за нов премиер доколку победи партијата, Попоски одговара дека се работи за шпекулации.
„Не, верувам дека тоа се злонамерни шпекулации кои очигледно сакаат да наштетат некому. Не верувам во тоа“, одговори Попоски.
Меѓу другото, Попоски во интервјуто одговараше на прашања за односите со Грција, а стана збор и за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември.