Ekipa
30 Декември 2018•Ажурирај: 31 Декември 2018
ИДЛИБ (АА) - Најмалку на 32.000 цивили кои во поплавите во камповите недалеку од границата на Сирија со Турција останаа без шатори, итно им е неопходна помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на хуманитарните организации кои се на терен истакнаа дека во поплавите во подрачјето на Атме, на сирискo-турскиот пограничен дел, предизвикани од врнежи кои започнаа на 26 декември, потопени се 22 кампа, а во 67 условите за живот се влошени.
Во поплавите уништени се најмалку 220 шатори, а 550 се поплавени. На најмалку 32.000 цивили им треба помош.
Семејствата успеаја да спасат само малку работи и да се оддалечат од калта и водата кои се вовлекле во шаторите.
Ум Хусеин за АА раскажа дека паднала едната страна од нивниот шатор и дека нејзиниот сопруг бил повреден.
Од поплавите се спасиле со помош на соседите.
„Не останаа ниту шатори, ниту храна ни облека. Сместени сме во џамија. Соседите ни носат појадок. И оваа облека на мене е нивна. Се смрзнувам“, додаде таа.

Мајката на четиримесечно бебе, Худа Касим и нејзиното семејство се сместени во импровизирана џамија во која нема греење.
„Немам храна ни прибор за јадење. Децата се смрзнуваат. Ни требаат душеци и прекривки. Ништо не ни остана, освен Божјата милост. Гладни сме. Уништени се и шаторот и кампот. Немаме ништо“, се пожали таа.
Хусеин Халид Абду (70) го спасиле децата кои го изнеле од шаторот.
Тој рече дека жените и децата биле сместени кај соседите и дека многумина останале на улица.
„Ни требаат лекови, храна, прекривачи и душеци за спиење“, истакна Усама Касим.
Врнежите кои започнаа на 26 декември траеја три дена и го зафатија подрачјето на камповите во Атме, што доведе до поплави во кои се потопени 22 кампа, а во 67 е настаната штета.