Diyar Güldoğan
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Добивањето безвизен режим во Шенген зоната на ЕУ беше историски за Киев, изјави денес украинскиот претседател Петро Порошенко, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова се историски денови за Украина, кога по добивањето на безвизниот режим, ќе кажеме последно збогум на СССР и на Руската империја“, рече Порошенко, зборувајќи на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел.
Овој месец, на украинските граѓани им беше дозволено со биометриски пасош да влезат во Шенген зоната во рок од 90 дена без виза.
Исто така, во овој договор се вклучени и некои земји кои се надвор од Европа, како Швајцарија и Исланд, а влез во Ирска и во Велика Британија сѐ уште ќе бидат потребни визи од украинските државјани.
Порошенко изјави дека Европа и Украина се поблиски од кога било досега. „Ми претставува задоволство да признаам дека ЕУ го одржа својот збор и им даде можност на Украинците да патуваат без визи по мошне напорната програма за реформи“, додаде тој.
Туск ги пофали напорите на Украина за реализација на своите европски аспирации.
„Успеавте да го добиете безвизниот режим и би сакал да ви се заблагодарам за вашата проевропска посветеност и храброста со којшто ја браните вашата независност. За сите ваши успеси, дури и најмалите, вие моравте да платите со вашата напорна работа и за жал, со крв. Не добивте ништо незаслужено. Вие заслуживте сѐ што постигнавте“, изјави Туск.
Тој исто така рече дека за неколку недели ќе биде финализиран договорот за асоцијација на Украина-ЕУ.
„Тоа ќе биде следниот чекор на патот кон безбедна и стабилна држава, како и на растечката економија“, рече Туск.
Сепак, Украина сѐ уште е заробена во конфликтот со проруските милитанти во источниот дел од земјата.
„Во текот на овој викенд се очекува да стапи на сила нов договор за прекин на огнот“, изјави денес портпаролот на украинската Влада.
Украина е заробена во конфликт уште од март 2014 година, по руската анексија на Крим и незаконското гласање за независност.
По ова следуваа насилни антивладини протести коишто доведоа до соборување на тогашниот претседател Виктор Јанукович.
Генералното собрание на ОН подоцна ја прогласи руската анексија за незаконска.
Заедно со многу земји на ОН, САД, ЕУ и Турција исто така не го признаа Крим за руска територија.