Ivana Ramadanova
20 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Мисијата на ЕУ во Скопје денеска го презентираше проектот за соодветно и ефикасно управување со средствата на ЕУ пред претставници на власта, јавува Anadolu Agency (AA).
Според учесниците во проектот, главната цел на овој твининг лајт проект е да се зголеми знаењето, ефикасноста и влијанието на националната администрација што е вклучена во децентрализираното индиректно управување со фондовите на Европската Унија, како и да ја зголеми ефикасноста во текот на спроведувањето, вклучувајќи и брз одговор на новонастанатите приоритети.
Радица Кочева, раководител на секторот за централно финансирање и склучување договори, смета дека намената на овој твининг лајт проект е да се поддржи воспоставувањето и зајакнувањето на капацитетите на раководните и оперативните структури за здраво и ефикасно управување со фондовите на Европската Унија во рамките на тековниот инструмент, но и на новите инструменти во рамките на повеќегодишната финанскиска рамка за периодот 2014/2020 година.
„Овој проект претставува продолжување на соработката што институциите за децентрализирано управување во Македонија ја имаат воспоставено со институциите од Литванија. Досегашната долгогодишна соработка беше добра можност и за колегите од Литванија да го научат нашиот систем, да ги осознаат нашите практики и нашиот начин на работа, што е значаен предуслов да се спроведе ваков проект којшто трае шест месеци“, истакна Кочева.
На конференцијата беше истакнато дека со овој твининг лајт проект ќе се обезбеди поддршка на канцеларијата за поддршка на Националниот фонд и оперативните структури за здраво и ефикасно управување со фондовите на ЕУ, како во рамките на тековниот инструмент, така и во рамките на новите инструменти во повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2014/2020 година.
Буџетот за проектот изнесува 250 илјади евра, а периодот за спроведување на овој проект е шест месеци.