Admir Fazlagikj
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати телеграма со сочувство до претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, по повод атентатот врз амбасадорот на Руската Федерација во Република Турција, Андреј Карлов, и телеграма со сочувство до претседателот на Сојузна Република Германија, Јоахим Гаук, по повод терористичкиот напад во Берлин, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Почитуван претседателе Путин, со шокираност и со чувство на огорченост ја примив веста за атентатот врз aмбасадорот на Руската Федерација во Република Турција, Андреј Карлов. Ова ѕверско убиство е напад против сите правила и принципи на меѓународните односи. Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејството на амбасадорот Карлов, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое, лично, име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство", се вели во упатената телеграма на претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов до претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.
Иванов упати телеграма со сочусрво и до претседателот на Сојузна Република Германија Јоаким Гаук во која изрази длабоко жалење за страданите во нападот.
„Со неверување и жалење ја примив веста за грозоморниот напад и стравичните сцени на Божиќниот базар на плоштадот „Брајнштајн" во германската престолнина, Берлин. Длабоко жалам за секој изгубен живот во овој терористички напад, кој најсилно го осудувам", се вели во телеграмата.
„Во овој празничен период, кога треба да го бараме најдоброто кај луѓето, особено е тешко што мораме да се соочиме со најлошата страна на човештвото. Со ваквиот злосторнички чин само се потврдува неопходноста од тесна соработка за справување со тероризмот, како најголемото зло кое нè демне сите и кое не познава и не признава граници. Во овие мигови на длабока тага за Вас, за Вашата држава и за пријателскиот германски народ, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство. Граѓаните на Република Македонија искрено жалат за овој трагичен настан и го осудуваат тој злосторнички чин", пишува во телеграмата упатена до претседателот на Сојузна Република Германија Јоаким Гаук.
Меѓу другото, претседателот Иванов упати сочуство до семејствата на настраданите во нападот.