Fatih Erel
16 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
ЛОЗАНА (АА) - Преговорите за Сирија завршија без договор бидејќи министрите на Русија, САД и други клучни регионални министри не успеаја да постигнат договор во напорите за решавање на кризата во Сирија за време на разговорите во швајцарскиот град Лозана денес, соопшти турскиот министер за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за новинарите по завршувањето на преговорите во Лозана, Мевлут Чавусоглу, рече: „Луѓето во Сирија се заглавени во борбите, Алепо се бомбардира, тие страдаат од глад и од напади на режимот. Кога има ваква средба, секој има некои очекувања, а овие очекувања се сведоа на ништо. Тука не се постигна договор за имплементација на која било одлука".
Чавушоглу, сепак, истакна дека бил постигнат консензус за одредени хуманитарни прашања.
„Не постои прецизен резултат за ниедно прашање, но постои консензус за одредени прашања поврзано со хуманитарната помош и со започнување на мировните преговори", рече тој.
Тој истакна дека сите страни разговарале за обнова на прекинот на непријателствата и за испорака на хуманитарна помош во Алепо.
„Ние дадовме предлог за создавање меѓународен хуманитарен конвој кој ќе го сочинуваат различни земји, што ќе носат различни знамиња така што нема да има напади врз хуманитарните конвои", рече тој.
„Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, кој учествуваше на состанокот, ќе ја разгледа оваа препорака“, додаде Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи, исто така соопшти дека имало различни ставови во врска со милитантната група Ал Нусра.
„Постојат различни мислења за тоа од каде да се започне, дали да се запрат борбите или расчистувањето на борците на Ал Нусра.
„Постојат различни мислења. Ние велиме дека борбите треба да запрат, а борците на Ал Нусра треба да бидaт расчистени [од источно Алепо]. Постојат различни мислења за тоа што треба да се направи првo", рече тој.
Се очекуваат одделни разговори во врска со судирите во Сирија, во Лондон.
„Денешните разговори, по долготрајните дискусии се завршени. Разговорите за Сирија ќе продолжат утре во Лондон", рече Чавушоглу.
Денешниот состанок e прв по неколкуте неуспешни обиди за пронаоѓање дипломатско решение за судирите во Сирија.
На разговорите учествуваа американскиот државен секретар Џон Кери, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу и министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Катар, Иран, Саудиска Арабија и Ирак.
Пред разговорите, Кери и Лавров одржаа средба лице-в-лице, за прв пат откако САД ги прекина билатералните разговори со Русија во врска со Сирија.