Ekipa
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Иранската револуционерна гарда ги обвини Саудиска Арабија и Соединетите Американски Држави дека се одговорни за вчерашните терористички напади на зградата на иранскиот Парламент и на мавзолејот на поранешниот ирански верски лидер Хомеини, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавено на официјалната интернет страница на Гардата се наведува дека јасна е врската што терористичкиот напад се случил во центарот на Техеран, околу една недела по средбата на претседателот на САД, Доналд Трамп, со лидерите на Саудиска Арабија. Саудиската влада во соопштението се нарекува назадна влада која го поддржува фундаментализмот и тероризмот.
Во соопштението, исто така, се потврдува дека терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападите во центарот на Техеран, а Револуционерната гарда соопшти дека ќе се одмазди.
Челникот на полицијата во Техеран, Хусеин Саједини, за иранската агенција ИСНА (ISNA) изјави дека се уапсени пет лица осомничени за поврзаност во вчерашниот напад на турбето на Хомеини.
Најмалку 12 лица загинаа, а 43 беа повредени во два напада коишто се случија вчера во Техеран. Иранските сили соопштија дека сите напаѓачи се убиени.