Ekipa
28 Февруари 2017•Ажурирај: 28 Февруари 2017
АЛ БАБ (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад напредуваа во јужниот дел на Ал Баб и воспоставија своевиден тампон со којшто им оневозможуваат на опозициските сили, кои со поддршка на турските сили го ослободија градот, да се движат понатаму во ослободување на териториите кои се под контрола на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА од Ал Баб јавува дека силите на сирискиот режим и неговите лојални групи на странски терористи во изминатата недела зазедоа 22 населени места јужно од Ал Баб, вклучувајќи го и Тадиф кој се наоѓа на јужниот влез во Ал Баб.
Режимските сили територијата ја зазедоа со спорадични судири бидејќи терористите на ДЕАШ од тоа подрачје се повлекуваа речиси без отпор.
Силите на Асад на тој начин дојдоа до градот Мунбич кој е под контрола на терористичката група ПЈД, сирискиот огранок на терористичката група ПКК.
На тој начин силите на сирискиот режим го затворија патот кон Рака, град под контрола на терористите на ДЕАШ, кој требаше да биде следна цел во офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која со поддршка на турските сили ја изведуваат силите на Слободната сириска војска.
Новонастанатата ситуација може да се одрази и врз следните операции против ДЕАШ во тој сириски регион. Турција предложи заедничка операција на коалициските сили во Рака, без учество на терористичката група ПКК/ПЈД.
Меѓутоа, спојувањето на силите на режимот на Асад со Мунбич, во кој контролата ја има ПКК/ПЈД, може да доведе до нивна интензивна соработка.