Barış Seçkin
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
РИМ (АА) - На вчерашниот референдум во Италија, Италијанците рекоа „не“ за уставните промени. Официјалните податоци покажуваат дека од 51 милион гласачи, граѓанската должност ја извршиле 65,47 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за најзначајниот референдум во таа земја уште од Втората светска војна. Целта на референдумот е политичка стабилизација во земјата којашто од 1946 година промени 60 влади.
Доколку беа поддржани, уставните промени би ја ограничиле силата на Сенатот и би ѝ го олесниле на Владата усвојувањето на законите, односно би дошло до поедноставување на законодавниот систем, бидејќи веќе не би постоел Горен и Долен дом на Парламентот. Измените на уставот ги предложи премиерот Матео Ренци, кој најави дека ќе поднесе оставка доколку на референдумот победи „не“, односно доколку не биде поддржан предлогот во иднина, на предложените закони да им треба одобрување само од Долниот дом на Парламентот, за разлика од сегашниот систем, кој бара одобрување на двата дома, што на крајот и се случи.
Податоците од Министерството за внатрешни работи на Италија покажуваат дека за реформата се изјасниле 40,89 отсто од гласачите, а против биле 59,11 отсто. Резултатите од гласањето покажаа дека само во три од 20 административни единици имало мнозинство што гласало за реформата. Станува збор за регионите Алто Адиџе, Емилија-Романа и Тоскана. Региони во кои најмногу лица гласаа против реформата се Сардинија и Сицилија. На двата острова, повеќе од 70 отсто од гласачите гласаа против.
Ренци претходно го прифати поразот и најави оставка. Тој денес, во попладневните часови би требало да го собере Советот на министри, а потоа да има состанок со претседателот на Италија, Серџо Матарела. Се очекува дека Ренци тогаш ќе му ја понуди оставката на кабинетот.
Претседателот Серџо Матарела има овластување да го именува новиот мандатар или да закаже предвремени избори.

Матарела има право да побара да биде формиран комбиниран кабинет на владата, предводен од некој од парламентарците од партијата на Ренци, а во состав на тој кабинет би влегле технократи и парламентарни претставници на други политички опции.
Исто така, може да одлучи државата да ја води кабинетот на технократи до 2018 година, за кога се закажани изборите.
Претседателот на Италија исто така може да побара од Парламентот да гласа за доверба за владата на Ренци.