Ekipa
19 Март 2016•Ажурирај: 19 Март 2016
МОСКВА (АА) - Во несреќа на авион на компанијата "FlyDubai", која се случи утринава во јужниот руски град Ростов, загинаа 62 патници и членови на екипажот, јавува Anadolu Agency (AA).
Руски официјални лица соопштија дека авионот "Boeing 737-800", од компанијата "FlyDubai", превезувал 55 патници, главно Руси и седум членови на екипажот, чија националност сè уште не е позната. Сите патници и членови на екипажот настрадаа при падот на авионот.
Ова е прва несреќа на нискобуџетната компанија од почетокот на летањето во 2009 година. Во соопштението компанијата потврдува дека летот 981 падна при слетување и дека нема преживеани. Меѓу загинатите има и четири деца.
„Нашата главна грижа се семејствата на патниците и членовите на екипажот кои беа на летот. Сите во "FlyDubai" се во длабок шок и нашите срца се со семејствата и пријателите на настраданите”, рече извршниот директор на компанијата Гаит ал-Гаит.
Гувернерот на регионот Ростов (оддалечен на 980 километри од Москва), Василиј Голубев, за медиумите изјави дека авионот паднал на 250 метри од пистата.
Причината за несреќата сè уште не позната, но Голубев рече дека авионот најверојатно паднал поради силниот ветар кој достигнал јачина на ураган.