Halit Süleyman
09 Декември 2015•Ажурирај: 10 Декември 2015
АЛЕПО (АА) - Најмалку 15 цивили загинаа, а 20 се ранети во денешниот воздушен напад на руски авиони во населени места во Алепо, кои се под контрола на умерената опозиција, јавува Anadolu Agency (АА).
Од Цивилната заштита за АА потврдија дека руски воени авиони денес извеле жестоки воздушни напади со разорни „барел бомби“ во населените места Салихин, Керм Тараб и Шеих Саид, во местото Анадан во северниот дел и Хан Туман во јужниот дел на Алепо.
Меѓу загинатите лица има неколку жени и деца, а во нападите е причинета и голема материјална штета.
Локалниот активист од Алепо, Хусеин Адбул Фатах, за АА кажа дека руски авиони од утринава изведуваат напади во јужните делови на Алепо кои се под контрола на опозицијата.
„Руските авиони на југот од Алепо ѝ даваат поддршка на сириската војска приврзана за режимот на претседателот Башар ал-Асад, а на северот им помагаат на милитантите на групата PYD (Курдската партија за демократско единство) и на ДАЕШ. И покрај тие напади, опозициските сили и понатаму бележат успеси на воените фронтови во јужниот дел на Алепо“, рече Абдул Фатах.