Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 10 цивили загинаа, меѓу кои 5 деца, а 20 цивили се ранети како последица на жестоките воздушни напади кои руските воздушни авиони во текот на денот ги извршуваат врз населените места и фронтови на сириската опозиција во Идлиб, на северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван локален извор за АА изјави дека руските бомбардери денес попладне извршиле напади на западниот дел на Идлиб и на северниот дел на соседна Хама.
Истите извори јавуваат дека цел на жестоките напади биле идлипските места Џиср ес-Шугур, Бисенкул, Гани, Инеб, Сирманије и Зејзун во Хама.
„Три руски авиони од базата „Химеими“ досега извршија најмалку 20 напади“, соопштија од кулата за набљудување на воздушниот простор на сириската опозиција.
Нападите во регионот траат и понатаму, а претседателот на Цивилната одбрана во Идлиб, Мустафа Хај Јусуф, за АА потврди дека за време на воздушните напади во селото Џиср ес-Шугур загинале 10 цивили, меѓу кои 5 деца.
Тој додаде дека во селото Кеферејдин загинал уште еден цивил, а за време на денешните напади на руските авиони биле ранети најмалку 20 цивили.
Со оглед на тоа дека нападите сѐ уште траат, Јусуф предупреди дека бројот на загинатите и ранетите во текот на денот би можел да биде зголемен.
Идлиб е сириска покраина која се смета за најголемо упориште и енклава на сириската опозиција. Речиси 4 милиони жители од тој регион веќе некое време стравуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад би можеле да започнат нови напади.
Станува збор за регион од стратешко значење во кој новите судири би предизвикале голем бран бегалци кон Турција и Европа.