Dildar Baykan
31 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
АНКАРА (АА) - Во реката Наф се преврте брод со аракански муслимани кои бегале од операциите на армијата на Мјанмар и на будистичките националисти. Во несреќата, животот го загубија 19 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според локалните медиуми во Бангладеш, во реката Наф се преврте брод со аракански муслимани, кои од Аракан сакале да пребегаат во градот Кокс Базар во Бангладеш.
Официјален претставник на полицијата на градот Текнаф соопшти дека на брегот на Бенгалскиот Залив испливале безживотните дела на 10 деца и 9 жени, аракански муслимани, кои се удавиле при превртувањето на бродот со којшто се превезувале. Тој соопшти дека сѐ уште не е одреден идентитетот на починатите.
Во вторникот вечерта се преврте друг брод со аракански муслимани. Во таа несреќа животот го загубија 4 лица.
Реката Наф се наоѓа на границата помеѓу Аракан и Бангладеш, а араканските муслимани кои се прогонувани со години честопати ја одбираат како пат за бегство од областа.
По нападите врз полициски контролни точки во Аракан на 25 август, започнаа операциите на безбедносните сили на Мјанмар против муслиманите, кои се претворија во масакр. Бидејќи Владата на Мјанмар не дозволува ниту влез ниту излез од местата кои се изолирани од светот, во моментов не е можно да се даде точната бројка на убиените цивили.
Голем број муслимани се принудени да ги напуштат своите домови поради нападите, а селата што се запалени од страна на војската се сосема уништени. Десетици илјади аракански муслимани кои ги напуштаат своите села, се обидуваат да мигрираат во релативно безбедни зони или илегално да преминат во Бангладеш.