Ekipa
08 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) – БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА –
Поради нападите на силите на режимот на Башар ал Асад во текот на изминатите два месеци, две гратчиња во покраината Идлиб, во Сирија, се прогласени за „уништени града“.
Местата Тух и Џерџеназ, и покрај расчистувањето на тешкото оружје во рамките на Договорот од Сочи, што беше потпишан меѓу Турција и Русија, во последните два месеци се изложени на интензивни напади од страна на режимските сили.

Десетици илјади семејства кои живеат во двете гратчиња, мигрираа и се сместија во камповите во близина на границата со Турција.
Тешките артилериски напади на режимот уништија и оштетија илјадници куќи во двете подрачја кои се наоѓаат на оддалеченост од само 12 километри од линијата на фронтот на режимот. Десетици цивили ги загубија своите животи.
Локалните власти, поради мигрирањето на околу 85 отсто од населението, двете гратчиња ги прогласија за „уништени градови“.

Медјад Гаџар, член на локалниот Совет на Тух, во изјава за АА рече дека подрачјето на гратчето веќе два месеци била цел на артилериските напади на режимот на Асад.
„Режимот на Асад континуирано напаѓа веќе два месеци. Луѓето се загрижени за своите животи. Народот пребега во побезбедни места и на границата на Турција“, рече Гаџар.
Гаџар, исто така, нагласи дека трговските и цивилните активности во регионот се целосно запрени и дека локалниот Совет ја прогласи областа за „уништен град“.
Мухамед ал Халак, директор на Агенцијата за интервенција на Сирија, којшто особено ги следи настаните околу миграцијата и доставување помош до цивилното население, рече: „Особено во текот на последните два месеци, Тух и Џерџеназ се во фокус на бомбардирањето на режимските сили“.

„Во подрачјето на Тух живеeja 33 илјади семејства, меѓу кои имаше и семејства што мигрираа од други места. Осумдесет и пет отсто од семејствата мигрираа. Во Џерџеназ живеа 4 илјади семејства. Во моментот во подрачјето живеат само 520 семејства, а 9 училишта, една пекарница и една болница веќе се нефункционални“, рече Халак.
„И покрај тоа што областа е расчистена од тешкото вооружување, нападите продолжуваат. Поради интензивните напади на режимските сили, институциите за услуги во подрачјето не функционираат“, рече Халак, додавајќи дека во Шаман Рамдан од областа Тух нема воени места или опозициски групи.
„Режимските сили денес и секој ден интензивно ја напаѓаат областа. Поради нападите населението од подрачјето емигрираше, местото остана празно“, истакна жителот Ахмед Рашид.