Ayşe Aktaş
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
АНКАРА/ОН/СЕУЛ (АА) - Експертска комисија формирана од Обединетите нации (ОН) тврди дека е можно Северна Кореја да ги развива програмите за хемиско оружје и балистичките проектили во соработка со режимот на Башар ал Асад, пренесува Anadolu Agency (AA)
Во извештајот објавен од страна на комисијата, која ја сочинуваат осум членови задолжени за надзор на спроведувањето на санкциите против администрацијата на Пјонгјанг, се наведува дека комисијата ги испитува разузнавачките информации во врска со тоа дека Северна Кореја и Асадовиот режим соработуваат во програмите за забрането хемиско и конвенционално оружје, за балистички проектили, како и во одржувањето и поправката на сириските проектили од типот „Scud“ (скад), и на системите за ракетна одбрана.
Во овој извештај, кој се однесува на периодот од 2 февруари до 5 август годинава, се вели дека продолжуваат истражувањата околу тоа дали организациите или индивидуите од Северна Кореја кои се на листата на санкции, вршеле активности во Сирија.
Според овој извештај, две членки на ОН спречиле поморски испораки од Северна Кореја во Сирија, а една членка на ОН, како што се наведува во извештајот, пренела информација до експертската комисија дека верува оти испорачаните стоки се дел од договорот меѓу сирискиот режим и компанијата за рударски развој и трговија од Пјонгјанг.
Исто така, се истакнува дека САД и ЕУ потврдиле оти испорачателите се „фиктивни компании“ на Центарот за научни работи и истражувања, кој е во сопственост на режимот, и се потсетува дека се знае оти центарот и претходно вршел трговија на забранети материјали со компанијата од Пјонгјанг за рударски развој и трговија.
Од друга страна, откако Северна Кореја на 3 септември повторно изврши нуклеарно тестирање, САД поднесоа нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН, за примена на санкции против оваа земја.
Северна Кореја упати остра реакција против нацрт-резолуцијата, чија содржина не е позната, а за неа денес ќе се гласа во Советот за безбедност на ОН.
Според веста на севернокорејската официјална новинска агенција KCNA (КЦНА), лидерот на земјата, Ким Џонг-ун, упати благодарност до неговиот народ кој веќе го носи товарот на санкциите, за поддршката на последната нуклеарна проба.
Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг Хо, истакна дека неговата земја ќе одговори на понатамошните санкции од Советот за безбедност на ОН, „предизвикувајќи САД да ја доживеат најголемата болка и страдање во нивната историја“.