Ekipa
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, телефонски, за ситуацијата во Сирија, разговараше со неговиот француски колега, Емануел Макрон, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван извор од Кабинетот на турскиот претседател за АА изјави дека Ердоган и Макрон разговарале за низа билатерални прашања, а станало збор и за актуелните случувања во Сирија.
Информирајќи го својот француски колега за тековната операција на турските сили во сириското погранично подрачје на Африн, Ердоган нагласил дека со ослободувањето на тој регион од терористите ќе им биде овозможено враќање на сириските бегалци кои во моментов се згрижени во Турција.
Истакнувајќи дека станува збор за операција којашто се спроведува во рамките на одлучната борба против тероризмот во регионот, Ердоган рече дека турските сили имаат приоритет при делувањето а тоа е заштитата на цивилите.
Претседателите на Турција и Франција ја поздравија неодамнешната резолуција на Советот за безбедност при Обединетите нации (ОН) со која се повикува на воспоставување на едномесечно примирје во Сирија поради доставување хуманитарна помош.
Ердоган и Макрон изразија согласност и за неопходноста од продолжување на заедничките напори во правец на решавање на политичката димензија на сириската криза и договорија да ги продолжат меѓусебните директни контакти.