Merve Aydoğan
04 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Најмалку 11 терористи беа неутрализирани во синоќешните и утринските напади на турските воздухопловни сили врз упориштата на терористичката организација ПКК, во северен Ирак и на пограничната периферија на југоисточниот дел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската Армија утрово соопшти дека турски бомбардери синоќа нападнале новооткриени засолништа на терористите на ПКК во северноирачките планини Кандил, Зап, Aвашин-Басјан и Гара и на периферијата на турската област Ширнак.
Во соопштението се вели дека во нападот биле неутрализирани најмалку 11 вооружени терористи, а уништени се и неколку терористички засолништа, ровови и складишта за оружје и муниција.
Турските власти најавија можна воена антитерористичка операција во планината Кандил која се смета за главна база на терористите на ПКК.
ПКК е сепаратистичка организација и се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 лица.
Планините Кандил, Гара, Метинa, Aвашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат во северниот дел на Ирак, по должината на ирачко-турската граница. Станува збор за област која важи за колевка на терористичкото движење ПКК.
Освен во Турција и во северен Ирак, турските сили спроведуваат сеопфатна борба против терористите на ПКК и во северна Сирија.
Антитерористичките акции во пограничните региони на Ирак и Сирија се базирани на правата на Турција засновани на меѓународното право за самоодбрана и резолуциите на Обединетите нации кои се однесуваат на борба против тероризмот.
Акциите се спроведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со цел неутрализирање на терористичките закани.