Nilay Kar
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
КАЈСЕРИ/АНКАРА/КОЊА (АА) - Издадени се налози за апсење на најмалку 112 лица низ Турција поради осомниченост за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Обвинителите во централната турска област Коња издадоа налози за апсење на 68 осомничени лица, вклучувајќи 17 војници на должност во седум области, поради осомниченост дека се поврзани со воена структура на терористичката организација“, изјавија судски извори, кои зборуваа под услов да останат анонимни.
Најмалку 8 лица се уапсени во истовремени операции во Анкара, како и во областите Кајсери, Адана, Ескишехир, Измир, Мугла и Мардин.
Обвинителите на Анкара, исто така издадоа налози за апсење на 10 лица, поради осомниченост за користење на апликацијата за кодирани пораки на ФЕТО „БајЛок“ (ByLock).
„Полицијата уапси најмалку 7 од 10-те барани лица, вклучувајќи државни службеници“, велат изворите.
Обвинителите во централната област Коња издадоа и налози за апсење на 34 војници на должност во 24 области како дел од истрагата за ФЕТО.
Потрагата по осомничените е во тек.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.