Selen Temizer
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
АСТАНА (АА) - Во Астана, главниот град на Казахстан, заврши петтиот круг од мировните преговори за Сирија во чии рамки делегациите на Турција, Русија и на Иран договорија да се формираат заеднички работни групи кои ќе бидат задолжени за продолжување на изработката на планот за воспоставување на таканаречени зони без судир во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегациите на сириската опозиција, режимот на претседателот Башар ал Асад, како и делегациите на Турција, Русија и Иран, кои се гаранти на мировниот процес во Сирија, денес се состанаа во салата на хотелот „Rixos President“ во Астана, а шефот на казахстанската дипломатија и домаќин на прегвоорите, Кајрат Абдрахманов, по средбата ја прочита заедничката изјава.
Абдрахманов изрази задоволство за постигнатиот напредок во преговорите за границите на идните зони без судири во Сирија, и рече дека заедничката работна група ќе има задача во наредните денови да продолжи да работи на договарањето на сите детали поврзани за границите и механизмите за контрола во тие зони.
Следниот состанок на работната група е најавен за почетокот на август во Иран, а шестиот круг од преговорите во Астана треба да биде одржан последната недела од август.
Учесниците на преговорите во Астана исто така се согласни процесот да го продолжат на начин што ќе го поддржува преговарачкиот процес што се води во Женева, со цел да се пронајде политичко решение за сириската криза.
Абдрахманов ги повика сите страни во Сирија да помогнат за итно отворање на хуманитарни коридори во таа земја.
Со посредство на Турција и Русија, во Сирија, на 30. декември минатата година беше постигнат начелен договор за прекин на судирите, а во јануари започнаа преговорите во Астана, кои имаат за цел да се креира механизам за имплементација на примирјето. Турција е гарант за почитување на примирјето од страна на сириската опозиција, а Русија и Иран како сојузници на сирискиот режим се гаранти за почитување на договорот од таа страна.
Длабоката политичка и безбедносна криза во Сирија ескалираше во граѓанска војна на почетокот од 2011 година, кога силите на режимот на Асад со сила се обидоа да ги згаснат продемократските масовни протести во таа земја.