Admir Fazlagic
07 Август 2017•Ажурирај: 08 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - По пристигнувањето во Скопје во пресрет на утрешниот натпревар од Суперкупот на УЕФА, тимот на шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид одржа тренинг во арената „Филип Втори“, каде утревечер против Манчестер Јунајтед ќе го играат дуелот од УЕФА Супер купот, јавува Anadolu Agency (AA).
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид пристигнаа денеска во Скопје, каде што на аеродромот Александар Велики во Скопје, како и пред хотелите во коишто се сместени, беа причекани од нивните бројни фанови.

Во вечерните часови фудбалерите на кралскиот клуб одржаа тренинг, кој според најавите ќе биде и единствениот тренинг во Скопје на овој фудбалски клуб, во пресрет на натпреварот со Манчестер Јунајтед.
„Кралскиот тим“ во Скопје допатува во најсилен состав, во кој е и првата ѕвезда на мадриѓаните, Кристијано Роналдо.
Капитенот на тимот, Серхио Рамос, на вечерашната прес-конференција во Скопје рече дека утре Реал Мадрид ќе има состанок со „историјата“.
„Утре повторно имаме состанок со историјата. Мораме да се потсетиме дека ова е финале на победникот на ЛШ и ЛЕ. Имаме можност да освоиме уште еден трофеј што би го посветиле на нашите навивачи и следбеници. Навистина би сакале утре да го однесеме трофејот во Мадрид“, изјави Рамос.
Реал Мадрид утре ќе се бори за четвртиот трофеј во Суперкупот, а воедно втор во низата, откако лани во ова натпреварување ја победија Севиља.