Admir Fazlagic
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Центарот за управување со кризи на Република Македонија (ЦУК) соопшти дека досега од граѓаните добиле до 300 пријави за штети од земјотресот што вчера се случи во Скопје и во околината, како и во неколку други градови во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на ЦУК, Надица В’чкова, во изјава за АА соопшти дека граѓаните пријавиле до 300 штети како последица од вчерашниот земјотрес.
„До Центарот за управување со кризи, на телефонскиот број 195, за пријавување на појави, несреќи или катастрофи, граѓаните пријавија до 300 случаи на оштетување. Според пријавеното, штетите најмногу се однесуваат на разрушени фасади и прозорски окна“, рече В’чкова.
Послаб земјотрес е почувствуван и денес претпладне, во 11 часот и 50 минути во Скопје и околината.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил со магнитуда од 2,3 според Рихтеровата скала, а епицентарот бил на шест километри источно од Скопје, на длабочина од еден километар. Денешниот земјотрес е дел од серијата потреси што го погодија Скопје и околината во изминатото деноноќие.
Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ информира дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 12 земјотреси.
Најсилниот земјотрес беше почувствуван вчера во 15:10 часот, со магнитуда од 5,3 степени според Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри источно од Скопје.
Во серијата земјотреси што во текот на вчерашниот ден го погодија скопскиот регион, причинети се материјални штети, а лекарска помош побарале стотина граѓани.