Hasan Esen
05 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, потенцирајќи ја сериозноста на ситуацијата во Сирија рече: „Потребно е да не ги затвораме очите пред вистината, туку да се соочиме со неа. Напорите што ќе ги вложиме треба да бидат значајни и одлучни. Донесуваме одлуки, но не се спроведуваат. И тоа се повторува. Луѓето ги сносат последиците, умираат голем број цивили. Но, овој пат ми се чини дека сите се посериозни. Поради ова, имам повеќе надеж“.
По конференцијата во Брисел посветена на Авганистан, Чавушоглу одговараше на новинарски прашања.
Нагласувајќи дека по 2002 година, директната помош од Турција за Авганистан изнесува над 2 милијарди долари, Чавушоглу изјави: „Покрај ова, помогнавме и со војска. Го обезбедуваме и раководиме со аеродромот во Кабул. Освен тоа, остваруваме важни проекти за зајакнување на статусот на жената во општеството. Заедно формираме универзитет за жени во Кабул“.
Чавушоглу понатаму во изјавата информираше дека пред извесно време е завршена обуката на авганистански жени-војници и тие се вратени во својата држава. Исто така, продолжуваат обуките на авганистански полициски службенички во Сивас, во соработка со Јапонија. Тој рече дека Турција му помага на Авганистан да излезе од тешката ситуација и дека ќе продолжи во тоа.
- „Дури и на Бајрам спречија испорака на хуманитарна помош“ -
На конференцијата во Авганистан, Чавушоглу се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, министерот на надворешни работи на САД, Џон Кери и министерот за развој на Србија, Александар Вулин, каде што разговараа за прашања поврзани со Сирија.
Свртувајќи го вниманието на неуспешноста на сите досегашни договори, Чавушоглу рече: „Беа прекршени и прекинот на судирите и прекинот на огнот од страна на режимот и неговите поддржувачи. Од друга страна, имавме многу тешкотии во испораката на хуманитарната помош. Дури и на Бајрам ја спречија испораката на хуманитарната помош. Беа погодени 18 камиони, а загинаа 4 возачи“.
- „Моментално, состојбата е многу сериозна, треба да ја видиме вистината“ -
Информирајќи дека преговорите течат на билатерално ниво и дека се во контакт со Русија, Иран и со САД, Чавушоглу изјави: „Потребно е да направиме сериозни чекори во врска со хуманитарната помош и политичкото решение. Треба да ги спроведуваме донесените одлуки. Додека разговаравме, оценивме какви чекори треба да преземеме и кога треба да се состанеме. Моментално, состојбата е многу сериозна, треба да не ги затвораме очите пред вистината, туку да се соочиме со неа. Напорите што ќе ги вложиме треба да бидат значајни и одлучни. Донесуваме одлуки, но не се спроведуваат. И тоа се повторува. Луѓето ги сносат последиците, умираат голем број цивили. Но, овој пат ми се чини дека сите се посериозни. Поради ова, имам повеќе надеж“.
Чавушоглу понатаму изјави дека ставовите на Турција се јасни, единственото сигурно решение е политичкото решение.
„Помогнавме најмногу од сите во врска со прекинот на судирите и хуманитарната помош. И понатаму ќе продолжиме да помагаме, затоа што за нас е важна безбедноста и стабилноста на Сирија. Борбата против терористичките организации во Сирија е важна, како за Сирија така и за нас“, рече во изјавата Чавушоглу.
- Повторна средба на Чавушоглу и Кери за разговори во врска со Сирија -
На новинарското прашање: „Кога Кери ве виде од другата страна на холот, веднаш дојде кај вас. За што разговаравте?“ Чавушоглу рече дека во краткиот разговор зборувале за Сирија и дека утврдиле оти треба да се сретнат во врска со таа тема.
Тој изјави дека го информирал министерот на САД за средбите што ги имал, како и за сериозноста на ситуацијата. Тој додаде дека по заедничкото фотографирање се сретнале уште еднаш, и утврдиле дека треба да остварат повторна средба на која ќе разговараат за ситуацијата во Сирија.