Levent Kişi
18 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
АНТАЛИЈА (АА) - Неколку стотици граѓани во Анталија, Турција, се собраа да протестираат против терористичките напади изведени минатата сабота во Истанбул и вчера во Кајсери, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот за осуда на тероризмот на Плоштадот на Републиката беше организиран по иницијатива на политичките партии: Партијата за правда и развој (АК партија), Републиканската народна партија (ЏХП) и Националната народна партија (МХП).
Покрај големиот број граѓани и политичари, беше и гувернерот на Анталија Мунир Каралоглу, како и претставници на владини и невладини организации.
Присутните со знамињата на Турција извикуваа слогани против терористичката организација ПКК. Одржано е едноминутно молчење во чест на загинатите, а протестот заврши по интонирањето на турската химна.
Каралоглу во изјава за новинарите истакна дека се собрани на предлог на трите политички партии по двата терористички напади во текот на една недела.
„Знаеме дека не постои никаква разлика помеѓу она што се случи на 15 јули и терористичките напади во последно време. Целта на двете е ширење страв меѓу народот“, рече Каралоглу.
Според него, целта на жителите на Анталија е да се изрази реакција против тероризмот, преку чување на единството и братството, исто како што тоа го направил турскиот народ по 15 јули
„Секој нека знае дека овој народ со терористичките активности не може да се бутне на колена. Овој народ секогаш ќе живее со зачувување на единството, братството и заедништвото, но и со чување на републиката“, рече Каралоглу.
Тој ги повика турските граѓани да не дозволат да бидат испровоцирани.
„Целта на тероризмот е да предизвика метеж во земјата. Никој од нас не треба да наседне на тоа. Треба да ѝ веруваме на нашата држава и на безбедносните сили“, изјави гувернерот Каралоглу.
Во терористичкиот напад во Истанбул загинаа 44, а над сто лица беа повредени. Одговорноста за нападот ја презеде ТАК, огранок на терористичката организација ПКК. Во вчерашниот терористички напад во Кајсери загинаа 13 војници.
Слични демонстрации за осуда на терористичките напади беа организирани низ целата земја, а многу граѓани се собраа на улиците низ Истанбул, во Дијарбекир, Ширнак, Невшехир, Јозгат, Киршехир, Хакќари, Бурса, Ескишехир, Кутахија, Баликесит, Караман, Коња...