Ivana Ramadanova
03 Мај 2016•Ажурирај: 04 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, при својата еднодневна посета во Будимпешта оствари средба со својот колега од Унгарија Иштван Шимичко, на која разговараа за последните случувања за мигрантската криза, безбедносната состојба во регионот и Европа пошироко, следниот самит на НАТО што треба да се одржи за два месеци во Варшава, како и за унапредувањето на соработката меѓу двете земји во областа на одбраната, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството соопштија дека Шимичко искажал благодарност за напорите што Македонија ги вложува за успешно справување со мигрантската криза истакнувајќи дека Унгарија дава целосна поддршка и определеност за интеграција на Македонија во евроатлантското семејство.
"Македонија докажа дека е сериозен партнер во справувањето со сложените безбедносни предизвици. Како дел од Југоисточна Европа континуирано придонесува за евроатлантската безбедност и стабилност. Во тој контекст, активно придонесуваме во колективните напори за справување со современите предизвици, закани и ризици", истакнал Јолевски.
Тој нагласил дека мигрантската криза со која се соочува Европа е од размери што укажуваат на потребата од координирана и сеопфатна стратегија за нејзино надминување. Соработка на сите земји од Европа, вклучувајќи ги и земјите од Југоисточна Европа, потенцирал, дека е вистинскиот одговор на безбедносните предизвици со кои денес се соочуваат европските земји.
Министерот Јолевски, воедно ги истакнал и аргументите зошто Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО и изразил благодарност за континуираната поддршка на Унгарија.