Ali Murat Alhas
31 Август 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
АНКАРА (АА) - 21 век претставува „век на технологијата“, во кој технолошките уреди станаа непходен и сеприсутен дел од нашиот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Прекумерната употреба на технолошките уреди може да доведе до зависност, но еден експерт тврди дека доколку одвреме-навреме правиме пауза од нив, тоа е противотровот којшто навистина ни е потребен.
Дениз Унај, специјалист за социјалните медиуми, предупредува дека желбата да се живее виртуелен живот преку употребата на високотехнолошките уреди може да му наштети на човекот во извршување на задачи, како и неговиот бизнис и социјален живот, и повикува на повремен „технолошки детокс“, кој претставува противотров на сето тоа.
„Технолошкиот детокс означува правење пауза од користењето на високотехнолошките уреди или социјалните мрежи, за да се здобиеме со можност да размислувме подлабоко и да постигнеме внатрешен мир“, вели Унај.
„Мора да ги отстраниме технолошките алатки надвор од нашите животи на некое време и да ги оставиме умот, телото и душата да почиваат“, смета Унај.
„Доколку постојано гледаме во мониторите очекувајќи известувања, ги трошиме времето и енергијата и се уништуваме себеси. Мораме сериозно да размислиме за практикување на технолошки детокс“, советува Унај, додавајќи дека оваа практика може да го намали физичкото и менталното оштетување предизвикано од прекумерната употреба на дигиталните уреди.
„Технолошкиот детокс не се ограничува само на избегнување на уредите“, вели Унај, кој додаде дека исто така треба да се ослободиме и од социјалните медиуми на одредени периоди за да уживаме во слободата.
„За да се направи овој детокс, прво треба да ги исклучиме известувањата од нашите профили на социјалните медиуми или да ги исклучиме известувањата на нашите телефони“, изјави тој.
Повикувајќи ги луѓето да се тргнат од своите мобилни телефони, особено за време на дружењето со своите пријатели, семејство или колеги, тој изјави дека луѓето треба да престанат да се „концентрираат на нивните животи претставени на малите екрани“.
„Убаво е да погледнете низ прозорец или да ги затворите своите очи на неколку секунди и да се релаксирате неколку минути“, вели тој.
Унај сугерира на тоа дека доколку на неколку денови се оддалечиме од технолошките уреди, можеме значајно да ја зајакнеме нашата ментална состојба, како и дека доколку не ја трошиме нашата енергија и време на оваа „технолошка зависност“, го зајакнувме својот дух.
Идејата за „технолошки детокс“ стана популарна во текот на изминатите години и сè повеќе луѓе и групи започнаа да преземаат чекори во овој правец, на пример, во Егејскиот Регион на Турција, Измир имплементираше програма наречена „Technological Sleep Festival“.
Во рамките на оваа програма, учесниците ги предаваат нивните телефони на властите и не ги користат 48 часа, а наместо тоа своето време го поминуваат во вежбање, социјализирање, читање книги, практикување спорт и разговарање со луѓето лице в лице.
„Многу дигитални експерти препорачуваат усвојување на методата „5 : 2“, според која по петдневната работна недела, луѓето од петок навечер до понеделник наутро ќе ги тргнат настрана високотехнолошките уреди“, рече Унај, нарекувајќи ја лесна, но ефикасна стратегија.
„Технолошкиот детокс е задолжителен за секој што сака да води здрав живот“, препорачува Унај.
За некои, технолошкиот детокс можеби звучи дека е премногу, бидејќи веруваат дека не поминуваат многу време на нивните телефони или компјутери. Но всушност, во временски период на една година, трошењето повеќе од два часа на ден на екраните, претставува речиси цел месец.
Ние се навикнуваме на употребата на ваквите уреди, па така имаме тенденција да ја изгубиме поврзаноста со природата, блиските пријатели и социјалниот живот и да се движиме кон тип на роботски живот.