Emel Öz Gözellik
11 Април 2019•Ажурирај: 15 Април 2019
АНКАРА
На Филипините се откриени фосили на коски и заби од човечки вид кој досега не бил познат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена на интернет-страницата „Science Alert“, истражувачите и археолозите истакнаа дека 13 фосили на коски и заби откриени во пештерата Калао, која се наоѓа во северниот дел на филипинскиот остров Лузон, му припаѓаат на антропоид кој има исклучително ниска висина, кој досега не бил познат.
Во соопштението се наведува дека коските и забите откриени за време на ископувањата во 2007, 2011 и 2015 година во пештерата Калао, им припаѓаат на најмалку три човечки суштества од видот наречен „homo luzonensis“.
Истражувачите претпоставуваат дека едно од овие суштества живеело пред 67.000 години, додека друго пред 50.000 години.
Флорент Детроит, археолог, истакна дека фосилите и забите му припаѓаат на најстариот човечки вид досега откриен на Филипините.
Истражувачите нагласија дека се претпоставува оти овие суштества во човечка форма, по висина биле пониски од човекот (homo sapiens), но повисоки од homo floresiensis, човечки вид наречен hobbit.
Наодите на ова истражување се објавени во списанието „Нејчр“ (Nature).