Emel Öz Gözellik
15 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Астрономите во изминатите 12 месеци регистрираа најмалку 20 мистериозни радиосигнали кои пристигнале од далечната вселена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рајан Шенон, од австралискиот Технолошки универзитет „Свинбрн“, соопшти дека новите радиосигнали од вселената се регистрирани со помош на новата генерација радиотелескопи.
Тој истакна дека се регистрирани најмалку 20 брзи радиоблесоци, од кои најблискиот бил на оддалеченост од 425 милиони светлосни години од Земјата.
Подетални информации за истражувањето се објавени во научното списание „Nature“.
Изворите на мистериозните радиобранови од вселената се предмет на нови истражувања, а некои од стручњаците не ја исклучуваат можноста дека станува збор за сигнали што ги испраќаат одредени облици на живот од вселената.
Првите силни радиобранови од вселената се регистрирани во 2007 година, со помош на телескопот „Паркс“ во Австралија.
Научниците се согласни дека станува збор за бранови со сè поголем интензитет во близина на чиј извор Земјата не би смеела да се најде. Имено, некои пресметки велат дека изворите на овие радиобранови ослободуваат повеќе енергија во милисекунди отколку што емитира Сонцето во текот на целиот ден.