Övünç Kutlu
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
ЊУЈОРК (АА) - Производителот на електрични возила „Тесла“ планира да влезе на пазарот во Турција, соопшти доцна синоќа извршниот директор на компанијата Елон Маск, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Планираме Тесла да влезе во Турција кон втората половина од годината“, напиша Елон Маск во пост на неговиот Твитер профил.
„Ми се допаѓа вашата земја и ќе бидам таму лично за случувањето“, додаде тој.
Компанијата од месец февруари произведе над 300.000 електрични возила.
Од најпопуларниот автомобил на Тесла, Моделот S (Model S) досега се продадени над 200.000 авотмобили, а моделот беше најдобро продаваното електрично возило за 2015 и 2016 година.
Компанијата на пазарот претстави уште два модела на електрични возила, „Model X SUV“ во септември 2015 година и „Model 3 sedan“ во јули 2017 година.
Минатата година компанијата го претстави и електричниот камион „Tesla Semi“.
Според податоците на Турскиот институт за статистика (TUIK) до крајот на месец март во Турција се региструрани вкупно 12,2 милиони возила.
Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили, минатата година во Турција се регистрирани 729.500 нови патнички автомобили, споредбено со 15.1 милиони автомобили регистрирани во Европската Унија.
Додека Турција зависи во голем дел од увозот на нафта, електричните автомобили може да обезбедат одредено олеснување во однос на потрошувачката на бензин.
Во Турција има неколку стотици сопственици на електрични автомобили „Тесла“, кои ги нарачале автомобилите од странство.
Според експертите, малиот број на станици за напојување на автомобилите и ограничените услуги се едни од најголемите пречки за пазарот на електрични возила во земјата.
Според извештајот на Меѓународната агенција за енергетика (IEA), регистрирањето на нови електрични автомобили достигна нов рекорд во 2016 година, со продадени над 750.000 возила ширум светот, додeка глобалните залихи на електрични возила во 2016 година надминаа два милиони возила.
Според Извештајот, бројот на електрични автомобили до 2020 година ќе се движи од 9 милиони до 20 милиони, додека до 2025 година помеѓу 40 и 70 милиони.