Husamedin Gina
25 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
СКОПЈЕ
Босанскиот истражувач Семир Османагиќ истакна дека Северна Македонија со астрономската опсерваторија Кокино (Старо Нагоричане) и со Цоцев Камен (Кратово) заслужува да има значајно место на археолошката мапа на Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Босанскиот истражувач Семир Османагиќ, кој престојува во Северна Македонија, денеска на прес-конференција ги презентираше резултатите од истражувањата и енергетските мерења на најзначајните македонски праисториски мегалитски локации, како што се астрономската опсерваторија Кокино (Старо Нагоричане), Цоцев Камен (Кратово), камените топки (Кокино), мегалитите и балансирачките карпи (Кратово), Канда Геоглифот (Овче Поле), Бела Зора (антички град), пирамидалното возвишување Островица и Куклица (Кратово).
Пред презентацијата, во изјавата за медиумите истражувачот Семир Османагиќ се осврна на резултатите од истражувачката промотивна посета на Северна Македонија, особено посетата во праисториските локации.
Тој рече дека е дојдено до застој во признавањето на Кокино како астрономска мегалитска опсерваторија, како и дека е добро македонската јавност да застане зад овој проект, затоа што опсерваторијата Кокино е важна за цел свет.
Исто така, според него Цоцев Камен (Кратово) е мегалитска опсерваторија.
„Македонија со овие две опсерватории од праисторијата, а се работи за период од најмалку 5 илјади години, заслужува свое значајно место на археолошката мапа на Европа.“
Третата, многу значајна локација во Северна Македонија, како што рече Османагиќ, е Канда Геоглифот (Kanda Geoglyph) во Овче Поле, а за таа локација нема научни документации дека се работи за гробот на Александар Македонски, но, сепак се работи за многу важен геоглиф што се гледа само од воздух.
„Македонија има одлични предиспозиции да биде многу јака туристичка земја и моето доаѓање овде е да дадам малку мотивација на властите да размислуваат за туризмот како извор на приходи, но и да им се помогне на археолозите во Македонија“, додаде Османагиќ.
Истражувачот Османагиќ, исто така, рече дека Македонците мора да бидат горди на своето минато и дека мора да ги истражуваат овие локации и да ги промовираат низ светот.
Меѓу другото, тој рече дека е потребна подобра соработка на Балканскиот Полуостров во областа на археологијата и дека сами можеме да си помогнеме повеќе, отколку Истокот и Западот.
Истакнувајќи дека неговиот следен проект е посета на локалитетите во Црна Гора и Албанија, наведе дека ќе бидат снимени шест документарци во врска со неговата посета на Северна Македонија.
Д-р Семир Османагиќ е истражувач на мегалитски и пирамидални локации низ светот. Автор е на 18 книги за древните цивилизации и пирамиди, што се преведени на 17 јазици. Тој е пронаоѓач на Босанските Пирамиди и праисториските тунели во Високо, Босна и Херцеговина. Директор е на Фондацијата „Археолошки парк: Босанската пирамида на сонцето“, која раководи со најактивната археолошка локација на светот. Двапати (2007 и 2020) е прогласуван за личност на годината во БиХ.