Beril Çanakcı
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Постарите жени кои го ограничувале секојдневното внесување храна на приближно 8 или 9 часа покажале скромни подобрувања во одредени ментални вештини во споредба со оние кои јаделе во подолг временски период, иако двете групи изгубиле слична количина на килограми, покажуваат прелиминарните резултати од мало американско клиничко истражување претставени вчера, јавува Анадолу.
Истражувачите од Универзитетот „Ратгерс“ вклучиле 47 жени на возраст од 50 до 79 години кои биле со зголемена телесна тежина или дебели, во шестмесечна програма за слабеење.
Сите учеснички добиле насоки да намалат околу 500 калории од нивната секојдневна исхрана.
Дваесет и шест од нив, исто така, добиле инструкции да јадат само во временски прозорец пократок од 9 часа дневно, вообичаено помеѓу 10 и 18 часот. Нивниот просечен период на јадење изнесувал 8,2 часа.
Преостанатите жени продолжувале со вообичаениот распоред, кој просечно траел 12,3 часа.
По 6 месеци, двете групи изгубиле просечно околу 7 килограми.
Жените од групата со пократко време за јадење постигнале значително подобри резултати на тестовите за просторно планирање и решавање проблеми. Исто така, тие правеле помалку грешки при тестовите за меморија и учење, иако таа разлика не била статистички значајна. Меѓутоа, не биле забележани видливи разлики во брзината на реакцијата ниту во способноста за извршување повеќе задачи истовремено.
Самото губење килограми помага во спречувањето на дел од когнитивното опаѓање поврзано со стареењето. Сепак, овие податоци сугерираат дека постојат и дополнителни придобивки ако престанете да јадете четири часа пред спиење и го ограничите дневниот внес на храна на период од осум до девет часа, во споредба со вообичаениот распоред од дванаесет часа“, изјави Сју Шапсес, професорка по нутриционистички науки на Универзитетот „Ратгерс“ и главен истражувач на студијата.
Шапсес ги опиша когнитивните ефекти како скромни и истакна дека пократките периоди за јадење укажуваат на поголеми подобрувања.
Наодите беа претставени на „Нутришн 2026“, годишниот собир на Американското здружение за нутриционизам.