СКОПЈЕ (АА) - Важноста на искористување на обновливите извори на енергија, посебно на сончевата енергија, неколку години наназад бележи константен раст во речиси целиот свет. После повеќевековно покривање на на енергетските потреби со необновливи извори на енергија, најчесто со фосилните горива- јаглен, нафтата и природниот плин, денеска глобалната слика добива еден друг облик, а обновливите извори се повеќе се сметаат за еден од клучните фактори на идниот развој, пишува Anadolu Agency (AA).
После две години неуморна работа, професор по физика во кумановска гимназија, Насер Мифтари и неговиот поранешен ученик, моментално студент на Факултетот на применети уметности на Универзитетот во Тирана, Бујар Далипи, претставија свои два заеднички проекти, по име “Дрита“ (Светлост) и “Буна“ , за кои се наградувани и кои се сметаат за проекти на енергетска иднина.
"Со проектот “Дрита“, електричната енергија се добива со директно претворање на енергијата во сончево зрачење, т.н.соларна фотонапонска енергија, со помош на регулатор кој служи за регулирање на полнење на соларни батерии, штитејќи ги од преполнување“ , појаснува во разговор за АА, Бујар Далипи.
Овој проект, додава тој, се разликува од другите по многу нешта: “ Најважна е потрошувачката, каде при демонстрација на проектот се виде дека една ЛЕД сијалица троши 0,65 ампери на час, додека во случај на користење некој друг инвертер, истата троши 1,6 ампери на час. Второ, многу е пренослив, одржувањето е многу лесно и се полни со помош на соларните панели, всушност, функционира со помош на алтернативната енергија, енергија на иднината.“
Исто така, по мерење на потрошувачката на некој инвертер произведен во Европа или во светот, се покажа дека со обична батерија сијалицата може да гори до пет часа, додека со проектот “Дрита“ тврди Далипи, истата батерија напојува таква сијалица, дури до 30 часа.
Мифтари и Далипи, овој проект првин го претставија во Германскиот институт за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit - GIZ) во Тирана, кога имаа можност да ги потврдат своите тврдења дека на овој начин сијалицата може да гори, како што е спомнато, 30 часа, 25 повеќе од стандардните пет часа. GIZ нивниот проект го пратил на понатамошно разматрање, и како што велат, очекуваат добри вести од истите.
Вториот проект “Буна“, предвидува напојување на акумулатори од 12 волти, исто така со помош на соларните панели. Професорот Мифтари истакнува дека со помош на оваа иновација може да светат 12-13 сијалички, со многу ниска потрошувачка од 2 ампери по час.
"Тоа значи дека доколку имаме батерија од 100 ампери, со помош на ова откритие истиот број сијалички може да осветли до 50 часа. Може да се користи секаде каде не е испорачана електрична енергија, бидејќи лесно може да се најде батерија за напојување. За разлика од проектот “Дрита“, каде има струјни прекини, кај другиот проект го нема тој проблем, иако е предвидено користење на сијалици од 220 волти“ , појаснува Мифтари.
По двегодишно залагање, велат дека успеаа да вклучат низа од 70 светилки, каде потрошувачката се движеше од 9 до 10 ампери по час, додека кај другите инвертери, од светскиот пазар, за осветлување на истиот број сијалици потребно е околу 45 ампери по час.
Моментално овој проект чека признание и сертификација од светски признатите институции, меѓу кои се и Меѓународната организација за стандардизација (ISO) , како најголема светска организација која се бави со развој и издавање издавање интернационални стандарди.
Овој професор и неговиот поранешен ученик, учествувале на научна конференција во Тирана и Меѓународен сајам на иновации во Скопје, каде двата проекти биле наградувани, истовремено будејќи голем интерес кај публиката која се распрашува кога нивните иновации би можеле да се појават на пазарот.
Имено, претпоставката е дека во следните неколку години искористување на обновливите, односно алтернативните извори на енергија, па така и енергијата на Сонцето, константно ќе растат, највеќе поради поставените цели за намалување на емисијата на стаклени плинови, поради чија зголемена емисија настанува сегашното глобално затоплување, потоа зголемување на употребата на електрична енергија, од обновливите извори на енергија, намалување на цената на обновливите извори на енергија, како и желбата за што помала зависност од фосилните горива, моментано основните и се поскапите извори на енергија на Земјата.