Emre Aytekin
31 Октомври 2025•Ажурирај: 01 Ноември 2025
ПЕКИНГ (АА) – Турскиот сателитски оператор Турксат потпиша договор за соработка со водечките кинески компании ЧајнаСат и Спејссеил, со цел заеднички развој на нови технологии во областа на глобалната сателитска комуникација, соопшти компанијата, јавува Анадолу.
Договорот предвидува развој на технологиите за интернет-конекција во авијацијата, морските комуникации, мобилните копнени решенија, како и комуникациите во вонредни и катастрофални ситуации, заедно со услуги во повеќе орбити и заеднички сателитски услуги за различни пазари.
Според соопштението, ЧајнаСат, најголем сателитски оператор во Кина, и Спејссеил работат на решенија во повеќе орбити, а нивната соработка со Турксат ќе овозможи проширување на покриеноста на сателитските комуникациски услуги во Турција на глобално ниво.
Компаниите Аеро Линк, која обезбедува авијациски податоци, и СиноСат, сателитска компанија, ќе соработуваат како партнери за решенија на услуги со висок капацитет што ќе бидат развиени како дел од договорот.
Извршниот директор на Турксат, Ахмет Хамди Аталaј, изјави дека договорот ќе ја прошири сферата на влијание на Турксат на глобалниот пазар на сателитски комуникации.
„Заеднички развиените решенија ќе ги задоволат потребите за брза, безбедна и непрекината комуникациска инфраструктура, а истовремено ќе придонесат и за зголемување на конкурентноста“, нагласи Аталaј.
Соработката помеѓу Турксат и Спејссеил, која опфаќа системи во повеќе орбити, ќе овозможи развој на решенија со висок капацитет и ниска латентност што комбинираат геостационарна и ниска Земјина орбита (LEO), за да се обезбеди флексибилна и непрекината комуникација во енергетиката, рударството, поморството и авијацијата.