Yasemin Kalyoncuoğlu
28 Септември 2016•Ажурирај: 29 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Турските инженери развија автентичен трансформер „Летронс“, автомобил што се претвора во робот којшто танцува, зборува, ги разбира наредбите и контролирано ги движи рацете и главата, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот модел на трансформер „Летронс“, наречен Антимон, е претставен на Универзитетот „Газа“ во Анкара, а беше претставен од страна на маркетинг директорот на компанијата „Летвисион“ и еден од инженерите-учесници во проектот, Тургут Алпагот.
„Нашиот производ во форма на автомобил има способност за движење и интерактивна комуникација со говор. Откако ќе се претвори во робот, Антимон ги разбира вашите команди и одговара гласовно, со движење на дланката, раката или главата“, изјави Алпагот.
„Антимон“ функционира со помош на далечинско управување и е единствен примерок на роботи од тој вид. Алпагот изјави дека инженерскиот тим работи на усовршување на роботските способности, за да му додадат и способност за учество во сообраќајот, за движење на устата и други карактеристики.
Маркетинг директорот изјави дека турскиот бренд „Летронс“ станал светска вест, бидејќи видеоклипот за промоции, за 12 дена бил прегледан од страна на повеќе од 125.000 лица во светот, а потоа многубројни компании пратиле барање за презентирање на тој трансформер.
Алпагот истакна дека во светот имало многу обиди од автомобил да се направи робот, но дека тоа главно биле производи што се состоеле од конструкција што го менува изгледот, а немала и способности како на турскиот производ.
Осврнувајќи се и на процесот на изградба на „Летронс“, Алпагот изјави дека инженерите прво го расклопиле автомобилот, а потоа во него инсталирале конструкција на робот и ја приспособиле шасијата на автомобилот на таа конструкција. И софтверските решенија на „Летронс“ се дело на турските експерти и фирми.
На изградбата на првиот модел на турскиот трансформер, во изминатите осум месеци работеле 12 инженери и четворица техничари. Вклучувајќи ги дланките, прстите, рамената и главата, Антимон има вкупно 48 подвижни делови, па може дури и да танцува.