Mücahit Türetken
11 Октомври 2019•Ажурирај: 12 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Ерменската патријаршија во Турција ја поддржа операцијата „Извор на мирот“, чија цел е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставување терористички коридор. Од Ерменската патријаршија порачаа дека упатуваат молитви да продолжи операцијата во таа насока, и што побрзо да се воспостави мир и безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Епископот Сахак Машалиан на прес-конференцијата изјави дека отсекогаш го истакнувал значењето на тоа луѓето да живеат во мир и благосостојба.
Тој изрази длабока загриженост поради војниците и хаосот на Блискиот Исток, во соседните земји, а посебно во Сирија.
„За жал, воспоставувањето мир не е секогаш можно само по мирен пат. Се молиме операцијата („Извор на мир“), која има за цел да се запре теоризмот и да се обезбедат границите на земјата, да продолжи во согласност со својата цел и мирот и безбедноста да се воспостават што е можно поскоро. Нека Бог со својата милост ја заштити нашата земја и нашите луѓе од сите катастрофи“, порача Машалиан.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа воената операција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас од источниот брег на Еуфрат, кој е окупиран од терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека целта на операцијата е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставувањето терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за иднината на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Официјална Анкара, исто така, предупредува дека е неприфатливо терористите на ПКК да се поддржуваат и сметаат за партнери во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Со воспоставување безбедносна зона во подрачјето на 30 километри широкиот пограничен појас на Сирија, Турција има намера да обезбеди враќање на два милиони сириски бегалци. Тоа подрачје го вклучува и регионот на Мунбич и се простира од Еуфрат до ирачката граница. Препреката на тој план на Турција е фактот дека подрачјето е под окупација на терористите на ПКК, ПЈД и ЈПГ.
Турските сили спроведоа две успешни операции во последните три години во северозападна Сирија и ги неутрализираа терористите на површина од 4.000 квадратни километри. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, за време на кои сириските градови западно од Еуфрат се ослободени од терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ/ПКК.
Турција сите прекугранични операции ги спроведува врз основа на меѓународното право, правото на самоодбрана, и ги реализира во согласност со начелата на Повелбата на ОН и резолуциите на Советот за безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот.