Tayfun Salcı
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - ТАЈФУН САЛЏИ -
Мери Лу Мекдоналд, претседателка на ирската политичка партија Шин Фејн, истакна дека границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска е под сериозна и блиска закана поради Брегзит.
Мекдоналд, во разговор за Anadolu Agency (AA), во рамките на една конференција во Лондон, рече дека Брегзит е против Договорот од Белфаст, кој е меѓународен договор.
„Брегзит е во целосна контрадикција со Договорот од Белфаст, кој е мировен договор постигнат меѓу Ирска и Велика Британија, кој признава дека постои спорна британска граница на нашиот остров“, нагласи Мекдоналд, додавајќи дека оваа граница десетици години го поделила народот на Ирска и предизвикала конфликти.
- Политички „Берлински ѕид“ во Ирска
„Брегзит би предизвикал штета за Ирска, дури и да е со договор. Но Брегзит без договор би бил катастрофален за Ирска“, нагласи Мекдоналд.
„Враќањето во физичката граница на Ирска би било еквивалентно со градење на Берлински ѕид од политички аспект. Би го поткопувал напредокот кој го постигнавме како општество. Како Ирка, граѓанин на Ирска и во исто време како политички лидер, верувам дека моја должност е отворено да го изразам тоа“, додаде таа.
Осврнувајќи се на можноста за обединување на Република Ирска и Северна Ирска, Мекдоналд рече дека овој референдум е предвиден и во текстот на Договорот од Белфаст
„Според мене, тоа е неизбежно, и тоа е прашање на време. Не можам да ви кажам точен датум, но можам да кажам дека во Ирска е исклучително свежа дискусијата во врска со единството на Ирска и ставање крај на поделбата“, рече таа.
Во врска со можноста за повторно поттикнување на тероризмот во Ирска по Брегзит со или без договор, Мекдоналд рече: „Не постои желба за насилство во Ирска. Војната заврши, конфликтот заврши, но би била навистина многу глупава личноста, која би се коцкала со нашиот мир.“
Отфрлајќи ја опцијата за директно владеење на Вестминстер во Северна Ирска, Мекдоналд истакна дека на британската премиерка Тереза Меј ѝ рекла дека тоа не е опција и дека не е на маса.
Таа нагласи дека за Велика Британија да ја напушти Европската Унија (ЕУ) без договор, Меј треба да се консултира со Даблин, бидејќи договорот за владеење не е одлука која може да се донесе само од страна на Лондон.
Мекдоналд рече дека во случај да се случи Брегзит без договор, Даблин и ЕИ итно ќе интервенираат. „Во Ирска не може да постои физичка граница, не можеме да го вратиме времето назад, не можеме да одиме назад, можеме да одиме само напред“, додаде таа.