Aysu Biçer
04 Мај 2026•Ажурирај: 04 Мај 2026
Европските лидери денес се собираат на осмиот состанок на Самитот на Европската политичка заедница во главниот град на Ерменија, Ереван, за да разговараат за поблиска соработка во областа на демократијата, енергетската безбедност и економските врски, јавува Анадолу.
Со годинашниот самит, со тема „Градење на иднината: Единство и стабилност во Европа“, ќе копретседаваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и Никол Пашинјан, премиер на Ерменија.
Првиот самит меѓу Европската Унија и Ерменија треба да се одржи утре, со цел зајакнување на билатералните односи.
Минатата година ерменската Влада ја објави својата намера дека се стреми кон членство во ЕУ, означувајќи го чекорот кон намалување на зависноста од влијанието на Москва.
Се очекува на дводневниот самит да присуствуваат лидерите на повеќе од 40 земји, вклучително и украинскиот претседател Владимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Пред самитот, Стармер и Зеленски се состанаа вчера и разговараа за потребата од зајакнување на одбранбената соработка со европските партнери и за важноста од заштита на енергетската инфраструктура на Украина во текот на војната со Русија.
Учеството на потпретседателот Џевдет Јилмаз го означува највисокото ниво на дипломатска застапеност на Турција од 2008 година наваму, одразувајќи го сериозниот напредок во воспоставувањето нормални односи со Ерменија.
Односите меѓу двете земји го бележат својот најактивнен период од 90-тите години, благодарение на чекорите за нормализација преземени во последните години.
На 28 април официјални лица се сретнаа во Карс за да разговараат за повторно отворање на железничката пруга Карс-Гјумри, која не се користи 33 години. Доколку се обнови, оваа врска би можела да стане витална артерија за регионалната трговија.
Во меѓувреме, на Ерменија се гледа како на земја што активно ја преобликува својата надворешна политика, стремејќи се кон побалансиран и поразновиден пристап додека управува со променливата регионална динамика во Јужен Кавказ.
Официјалните лица го опишуваат овој пресврт како „мултивекторска“ надворешна политика насочена кон зајакнување на суверенитетот и намалување на надворешната изложеност.