Dzhanan Mehmed Ismail
08 Мај 2026•Ажурирај: 08 Мај 2026
Владата на коалицијата „Прогресивна Бугарија“ предводена од Румен Радев доби доверба во Парламентот на Бугарија, јавува Анадолу.
Во Парламентот, во кој има 240 пратеници, се одржа гласање за доверба на Владата на Радев.
Од 228 пратеници што гласаа, 122 гласаа „за“, 70 „против“, а 36 беа „воздржани“.
Со тоа новата Влада го достигна потребниот минимум од 121 глас „за“ за да добие доверба.
По гласањето беа интонирани бугарската химна и химната на Европската Унија, по што премиерот Радев и министрите положија заклетва.
Новата Влада на премиерот Радев се состои од 18 министри и четворица вицепремиери.
По церемонијата за заклетва, претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изјави за медиумите дека добро познава многумина од членовите на Владата и верува дека тие имаат искуство и храброст да ја водат земјата.
Јотова истакна дека бугарските граѓани очекуваат брзи и конкретни резултати од новата Влада, нагласувајќи дека на дневен ред се подготовките за буџетот за 2026 година, како и законски пакети насочени кон намалување на цените, контрола на инфлацијата и започнување реформи во правосудството, кои се очекува да бидат доставени до Парламентот во понеделник.
Радев освои 131 пратеничко место на општите избори одржани на 19 април и обезбеди мнозинство за сам да формира влада во рамките на својата коалиција.
Во Бугарија последен пат самостојна влада беше формирана во 1997 година, кога Иван Костов и неговата коалиција „Обединети демократски сили“ освоија 137 места. Потоа во земјата владееја коалициски или малцински влади.
Во последните пет години, поради повторувачки политички кризи, Бугарија одржа осум предвремени парламентарни избори.