Zülfiya Yakup
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
ПРИШТИНА (АА) - Косовските аналитичари се сложни во оцената дека во фокусот на посетата на потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, на Србија и Косово, ќе бидат разговорите меѓу двете земји и нормализацијата на нивните односи. Потпретседателот Бајден и неговата сопруга Џил Бајден вечерва од Србија пристигнуваат во Косово, јавува Anadolu Agency (АА).
Потпретседателот на САД утре претпладне ќе учествува во билатералните средби со претседателот на Косово, Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа, а потоа ќе го посети местото во близина на американската воена база Бондстил, каде што ќе учествува на свеченоста посветена на именувањето на патот во чест на неговиот покоен син, Џозеф Р. „Beau“ Бајден III.
Политикологот Рамуш Тахири оценува дека посетата на Бајден е многу важна за Косово бидејќи тој е висок претставник на земја којашто има важно влијание во регионот и посветена е на мирот и демократијата. Тахири напоменува дека САД се особено посветени Косово да напредува на својот пат како суверена и демократска земја и очекува една од темите на разговорите на Бајден со косовскиот политички врв да биде токму јакнењето на демократијата и демократските процеси на Косово.
„Косово треба да ги исполни сите стандарди за еден ден да биде полноправна земја на Европската Унија. Потпретседателот Џо Бајден е заинтересиран за стабилноста во регионот и за добра соработка со соседните земји“, вели Тахири.
Тој истакнува дека тоа е во интерес и на НАТО, но и на овој дел од Европа.
„Во тој контекст, очекувам да биде охрабрено продолжувањето на разговорите и заклучоците меѓу Косово и Србија, за овие две земји да можат да ги нормализираат односите, како што се наведува, во интерес на сите граѓани, но и во интерес на мирот и стабилноста, и да бидат добар пример на развојот на односите меѓу две земји коишто поминале војна, а на сцената да дојдат нови политички раководства кои ќе имаат легитимитет и легалитет, всушност, поддршка на народот за да го водат процесот напред“, вели Тахири.
Политикологот Арбен Кирези смета дека посетата на потпретседателот Бајден е силна потврда на неспорното пријателство меѓу САД и Косово. Со оглед на тоа што Бајден овој пат ги посетува и Србија и Косово, се очекува, оценува Кирези, неговата посета да биде поврзана со односите меѓу Косово и Србија во поширок контекст на стабилноста на Балканот.
„Очекуваме Бајден да испрати соодветни пораки во Белград и Приштина, но сепак за Косово, посетата на Бајден е празнична посета и поради тоа што ова ќе биде негова последна посета како потпретседател на Америка, бидејќи во САД оваа година се одржуваат избори“, смета Кирези.